Приказни од Sунливото море
од Билјана С. Црвенковска

– Не сум гладен, јадев – рече Ален, ја зграпчи посилно книгата и нурна подлабоко во неа.
– Што јадеше? – се зачуди баба му. – Немаш каснато ништо од утрово.
– Ехеее, не знаеш што сѐ не изедов, бабо, куп работи. Остави ме сега, читам.
Баба му воздивна и појде накај кујната, за веднаш да се премисли и да се подврати два чекора назад.
– А да излезеш малку надвор, сине? Види колку е убаво, сонце, пролет?…
– Бабо, цело време сум надвор, како не разбираш? – нетрпеливо одговори Ален, сакајќи побрзо да остане сам со книгата.
– Боже, боже, само измислуваш нешто – мрмореше баба му. – Па, треба да најдеш другари…
– Бабо! – налутено подвикна Ален. – Имам другари, како не разбираш?! Имам многу другари!
Баба му ја заврти главата лево-десно, пак воздивна, а потоа молкум си појде во кујната. Ова дете мошне ја загрижуваше. Од дома не излегуваше, немаше другарчиња како другите деца на негова возраст и не ги оставаше книгите. Убаво е да се чита, ама кај него тоа беше навистина претерано.
Ален се смести поудобно во фотелјата и задоволно ја намести книгата во скутот. Конечно ќе може да си продолжи со неговите авантури!
Фотелјата се занишка на брановите. Ветрето носеше пријатен мирис на море. Галебот Герман, кој беше заминат во извидница, се враќаше назад носејќи добри вести.
– Копно, копно – викаше тој, надлетувајќи го бротчето на морепловецот Ален. – Мислам дека стигнавме, другар!
Ален се возбуди! Да, навистина, одамна копнееше да се врати во Тутулакалуа, но едноставно имаше премногу други места што мораше да ги посети. А потоа следуваше долгото враќање, кога, исто така, не можеше а попатно да не застане на неколку малечки островчиња. Последното беше едно островче на кое немаше ништо освен палави мајмуни и дрвја со банани! О, колку банани изеде! А впрочем, тие беа многу повкусни од обичните банани што ги јадеше во неговиот вообичаен живот – оној во кој беше само Ален, но не и Ален Морепловецот.
А сега, конечно, Тутулакалуа! Бротчето веќе се приближуваше до брегот, а тој можеше да ја слушне песната. Нејзината песна, онаа што го следеше на сите негови патешествија. Песната на Лумалу:
Анан туни шеку така Така ту така ти Кала кути Тутулакалуа Онаку терек а си.
Или, во превод:
Песна те води кон чудесна земја Песна гласна песна јасна Добре дојде во Тутулакалкуа Домот твој под ѕвездите.
Бротчето го допре брегот, а Ален ја здогледа, облечена во шарен фустан и со цветови во косата, како седи на песокот и им пее на малите ракови, кои ја слушаа како маѓепсани. Лумалу. Неговата пријателка, онаа што беше со него и кога не беше тука. Ја гледаше насоне, си прикажуваа, си шепотеа, си броеја ѕвезди и ѕвезди-паѓалки, некогаш се смееја, а некогаш и плачеа заедно. И му пееше, постојано му пееше. Тој ги научи напамет сите песни на Тутулакалуа, што Лумалу ги беше научила од мајка си, таа од својата мајка и така натаму. Песните на Тутулакалуа се пренесуваа од колено на колено и немаше дете кое не ги знаеше. Сега, ги знаеше и Ален, иако, мораше да признае, Лумалу ги пееше најубаво од сите.
А имаше и зошто тоа беше така. Лумалу, нејзиното име кажуваше сѐ: Онаа Што Создава Со Песна.
Ален слезе од бротчето и полека зачекори накај Лумалу, додека Герман одлета да ја најде Анкуа, птицата-сезнајка, за да ги дознае најновите вести од неа. Ален помисли дека Лумалу не го забележала, оти беше толку задлабочена во пеењето. Но, таа ги испеа последните тонови од Добре дојде во Тутулакалуа и го крена погледот.
– Дојде – му рече со нејзиниот ѕвонлив глас. – Мислев ќе дојдеш вчера.
Ален се вцрвени. Навистина, требаше да пристигне вчера, но вчера го сретна пиратот Корк и мораше со него да скршне кон Скриената лагуна, да бараат некакво ѓомити скриено богатство… а всушност, Корк имаше приготвено гозба за својот пријател Ален и не сакаше да го пушти да замине без да преноќи на неговиот славен пиратски брод – „Црниот галеб“.
– Пааа, малку задоцнив – пропелтечи Ален. – Не ми се лутиш? – набрзина праша, исплашен дека Лумалу му се налутила.
– Хихи – се закикоти Лумалу – па знам каде беше, будалче. Јас секогаш знам каде си!
– Уф, да, заборавив – се сети Ален. – Ти знаеш сѐ за секого.
– Не за секого! – го поправи Лумалу. – Туку само за оние што некогаш стапнале во Тутулакалуа. За нив секогаш знам како се, во секое време од денот или ноќта. За да можам да им помогнам, доколку им е потребна помош.
– Како оној ден кога плачев по училиште? – праша Ален и веднаш ја почувствува онаа грутка во стомакот, онаа грутка што му се јавуваше секојпат кога се враќаше од училиште… и кога одеше натаму… и додека беше на одмор… а и на час.
– Да, како тогаш – тивко рече Лумалу. – И како сите пати претходно. И сите пати потоа. Знај, јас секогаш сум тука за тебе.
– Знам – возврати Ален, но некако не му се зборуваше сега за тоа. Не додека беше тука, во Тутулакалуа, каде што немаше болка, тага и несреќа.
Лумалу ги прочита неговите мисли, па силно го гушна и весело му рече:
– Ајде! Веселбата треба да почне!
– Веселбата? – зачудено праша Ален, но Лумалу не го слушаше. Таа му стави еден цвет во косата и го повлече за раката, накај шумата, во чие средиште беше нејзиниот дом, селото Татук.
Кога влегоа во селото, веселбата веќе беше почната. На малиот селски плоштад гореше голем оган, а околу него танцуваа жителите на Татук. Кога ги видоа Ален и Лумалу, весело ги поздравија.
– Ете го гостинот на принцезата, славниот морепловец – едно детуле му шепотеше на своето другарче.
– Аууу! – второто детуле гледаше во Ален со восхит.
Лумалу го седна Ален на најубавото место, веднаш до неа. Ги гледаа танчарите околу огнот, си прикажуваа и се смееја. Потоа, дојде време за вечера. Ален ги обожаваше вкусните овошки што беа главно јадење на жителите на Тутулакалуа. Секое овошје беше непознато за него, барем првиот пат кога дојде во Тутулакалуа, и имаше посебен и сосема необичен вкус. Сега веќе ги научи нивните имиња и нивните вкусови: аку, тенук, хура, икмани, лорту, шуни… Можеше да јаде без престан, а сепак се воздржуваше, затоа што требаше да има и за другите.
А кога вечерта се покри со обвивката на тишината, кога од огнот останаа само жарчиња, а малечките деца заспаа во скутовите на мајките, дојде ред на Лумалу. На Онаа Што Создава Со Песна. Сите очи се вперија во неа, а Лумалу ги затвори очите и почна да пее. Прво тивко, а потоа сѐ погласно и погласно, сѐ додека песната не ги понесе сите…
Аки но туку ша рапи тану Тукма ри кота, коту рану Ка ли калико туни рока Роктураку ноку нока.
Ален првпат ја слушаше оваа песна и не го разбираше нејзиното значење, но не мораше да разбере… доволно беше она што го гледаше околу себе! Селото исчезна во некаква чудна магличава обвивка, а околу него почнаа да експлодираат гејзири во илјадници бои. Лебдеше во простор направен само од бои, а само мигови подоцна боите да почнат да добиваат и форми. Секакви форми: чудни животни, дотогаш невидени растенија, овошја, птици, инсекти…
Лумалу создаваше нови светови!
Светови во кои ќе патува Ален и децата како него.
Децата кои сонуваа. Децата кои фантазираа. Децата кои трагаа по повеќе…
Аки но туку ша рапи тану Тукма ри кота, коту рану Ка ли калико туни рока Роктураку ноку нока.
Гласот на Лумалу одекнуваше во неговата глава, но веќе не можеше да ја следи, ни неа, ни световите што се создаваа околу него… Почна да тоне во сон, иако сакаше да остане буден и да види што ќе се случува понатаму, во што ќе се претвори онаа птица таму и…
Фотелјата се заниша на брановите, за последен пат.
– Ален, сине, си заспал читајќи. Ајде, бабино, оди легни си в кревет… – од некаде доаѓаше гласот на баба му, ама не можеше да распознае од каде.
– Ајде сине, стани.
Ален ги отвори очите и сонливо трепна. Баба му беше пред него, го тресеше нежно за рамото и го галеше по косата.
– Ајде, легни си в кревет, може, душо?
– Мхм – промрмори Ален, стана од фотелјата и тргна накај неговата соба. Но, за миг се врати назад, знаејќи дека заборава нешто. Ја грабна книгата што ја беше оставил на фотелјата, ја стави под мишка и измаршира накај креветот. Мора да ја стави до перницата, за да може побрзо да се врати назад. Назад кај Лумалу, назад во Тутулакалуа.
Илустрација: Сања Симоска