Раскази, Списание „Чудна шума“
Напиши коментар

Шумата на џуџето Јоханухан Папатакапов Смирнов

од Мерсиха Исмајлоска

Јоханухан Папатакапов Смирнов имаше долго име, но бидејќи џуџе, самиот беше кус и тоа му годеше. Можеше да се шмугне насекаде низ шумата, во секое процепче на карпите, секоја шуплина на дрвата, помеѓу камењата на шумските патеки, можеше да се пикне помеѓу пчелите, тие го сакаа и му даваа да пие од нектарот. Беше висок колку страк трева, а сепак уредно облечен во црвено кадифе и чевли направени од свила… Во шумата на џуџето Јоханухан Папатакапов Смирнов, свилата беше најцврстиот материјал и не беше како обична свила, беше мека, многу мека… Тој често, така дотеран, ќе отидеше до најтајниот извор планинска вода и ќе пееше заедно со изворот, а таа песна можеа да ја слушнат само најпрефинетите детски уши. Како оние на Лина и Давид. Ги убедуваа своите родители дека, освен жуборењето на водата, има и некој нежен глас што пее, но тие не им веруваа… Беа едни од ретките кои доаѓаа таму. Ги сакаа јастребите кои играа на ветерот и кои раскажуваа некои приказни за далечни планински врвови, каде што ги чуваат своите гнезда.

Шумата на џуџето Јоханухан Папатакапов Смирнов беше посебна. Ја откриваше својата магија, само на оние чии души беа чисти, а детските беа токму такви… Само нивните очи во прекршувањето на сончевите зраци можеа да ги видат скапоцените камења, кои беа скриени некаде по пештерите што ги чуваа добрите мечки. Јоханухан, секако, беше добредојден гостин кај нив. Ќе се качеше на нивниот стомак и оттаму ја набљудуваше својата шума. Ја сакаше како што се сака дом, како што се сака себеси и секој што беше дел од неа… Секако, иако мал, имаше привилегија да се дружи и со големите ѕверови, а еден од нив беше Змејот Смарагдно Око, со кого разлетуваа и по други шуми, а Јоханухан цело време се смееше со цело срце, со детски смев, зошто, иако 888 години стар, тој беше дете. Ги пееше своите патешествија покрај изворот, а Лина и Давид слушаа…

Кога како возрасни се вратија на местото, веќе не можеа да го чујат Јоханухан, но го слушаа изворот, а пеперуги како никогаш дотогаш се поигруваа со одразот на светлината во него… И сите приказни беа таму. Дури и премолчаните. Тајни и достапни само за посветените. Оние што ќе ја чуваат тајната и кои ќе ја штитат шумата. До навек.


Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s