Раскази, Списание „Чудна шума“
Напиши коментар

Миризливото гнездо

од Марија Каева

Навистина ли така било или само ми се сонило? Како и да било, мене ми е мило, што така можеби било, па ќе ви раскажам како вистински да се случило.

Мојата љубена гавраница, по потекло од планината Јабланица, веќе со денови одбиваше да лета и да грака, а кога ја прашав што ѝ е, ми рече дека веќе не ме сака.

Сосема сам и тажен, седев скршен, скриен во една ограда од бршлен, во друштво на еден молчалив и стар стршен. Се двоумев дали е болна или е можеби таква заради месечината полна.

Думав и туфкав со часови и во умов почнав да слушам буфкави гласови. Еден од нив ми рече: – Мораш да најдеш начин, да ја расположиш со лековит и миризлив зачин.

Чудна идеја ме навјаса дури вчера; ко пороен дожд истурен од облак дебел, што луѓето да се засолнат ги тера.

Со план и цел, инаку не ќе се бев обидел, свратив накратко до дома и ѝ реков на мојата умна и натажена мома: – Морам, мила моја, со крилјата да претнам и до онаа голема тераса да летнам.

Гранчиња од лански босилек и натрупано суво цвеќе таму посакав да видам, иако по туѓи тераси не така често идам. Додека летав, на глас гракав и гнездото убаво да ни замириса силно посакав. Така и бувот ми имаше кажано, а јас посакав за сè што имав наумено, да ѝ имав веќе раскажано; дека миризливи гранчиња од босилек ѝ носам и копнеам на зајдисонца до облаците да ја вознесам.

Во сиот љубовен немир, од солзи-радосници направив вир, верувајте не беше никаков хир! Токму тоа ми требаше, инаку на гости да одам немаше.

– Да си ги замијам канџите треба! – си реков. Чевли немам да ги собујам, како сите културни гости, а и ние гавраните не сме прости, ами од нас никој чевли не носи, па сите сме боси и често си ги миеме гавранските прсти само со утрински роси.

Во тој миг, пред мене се појави една дама, убава како мачка и сосема сама. Јас наместо в час да оптегнам крилја и да се впрегнам в лет, место очи две, одеднаш имав пет. Вџашен се закотвив каде што се најдов и од љубов зајдов.

Како пред малку да било, а можеби само ми се сонило, ѝ слетав на меката топла дланка, како на гранка. Сакав да бидам нежен со канџиве мои, посакав и да ѝ пеам и гласно да се смеам. Сепак, јас сум гавран, па решив да останам темен до мрачен, како ден облачен.

До една плетена кошница, дамата ме пренесе на рака, а јас сам на себе смешен, си велев дека сум салонски папагал што научил и да кокодака.

А кошницата полна со суво миризливо цвеќе и лански босилек беше и срцево гавранско од радост се смееше. Сè што угинало и свенало од првиот лански студ дамата ми подари и за мојата посета топло ми се заблагодари.

Дента, напати летав дотаму и назад по суви цветови, копнеејќи по нови заеднички летови во нови светови. Од мирисот опоен на тревките суви, избегаа сите здодевни муви, а ги снема и сите раздрдорени буви; поточно болви, сосе сите зли муабети за мене што наоколу ги ширеа нивните золви.

Гавраницата на моето срце од среќа пропеа арии на гранка, ах таа умница, лутка и спанка, без да грака, ми рече дека пак ме сака! Оперска певица се стори, птиците певливки со неа во хор да пеат ги насамари, а мене да се вратам назад ме намами.

Воодушевен, пеејќи ја слушав, сè дур’ не нè изненади нашето прво, што дента се испили на ова дрво; гладно и веќе загракано во стрв, по некој дебел црв.

Навистина ли вака било или само ми се сонило? Како и да било, мене многу ми е мило. Оти и ние гавраните би можеле, луѓе за пријатели да си имаме, и од нив помош и подароци да примаме. Оти и ние гавраните знаеме лудо да љубиме, но умот така лесно не го губиме.


Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s