Day: 3rd Април 2020

Ѕуница

од Фросина Пандурска Драмиќанин Си биле седум сестрички. Се викале: Црвена, Портокалова, Жолта, Зелена, Сина, Темносина и Виолетова.  Понекогаш се сакале, но понекогаш се карале околу тоа која од нив е најубава. А, всушност, сите биле убави, особено кога биле заедно. Еден ден кога небото плачело, посакале да го расположат. Се договориле да се сплетат една со друга, како плетенка. Тогаш и Сонцето било најсреќно и ги осветлило со своите зраци. Оттогаш сестрите ги завикале Ѕуница. Sуница, тоа е исто што и виножито, исто што и божилак – три имиња за седумте сестрички.  Задача: нацртај ѕуница или обој ја ѕуницата што ќе ја најдеш тука. Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy.

Шеќерна приказна

од Снежана Стојчевска Шеќерна приказна беше моето детство.  Седната во првиот ред  ги гледав сите изведби на претставата  што ја знаев наизуст.    Татко ми ја играше мечката, која со волкот и лисицата  го зароби славејот  и во големата шума завладеа тага.   Но приказните секогаш имаат среќен крај  и добрите животни го ослободуваат славејот,  а негативците паѓаат во сопствената стапица.    На крајот кога актерите се поклонуваа,  сите деца викаа УРА за добрите и УАА за лошите животни.    Само јас, целата вознесена, рипнував од столчето,  плескав со малите рачиња  и викав: БРАВО ТАТО!   И не можев да сфатам  како некој може да вика УАА кога тој е најпрекрасниот татко на свет.  илустрација: Калин Маловски Песната е објавена во книгата ,,Ќе се завијам во песни“, во издание на МИ-АН, 2019 година

Грдиот крт

од Румена Бужаровска Се пожалил дома малиот крт: „Мамо, ми велат дека сум грд!“   „Како ти рекле? Ти ли си грд? Па од тебе нема поубав крт! Крзното твое со каллива боја неспоредливо е со најскапа чоја. А твоите нозе – буцки и кратки! Во светот под земја нема послатки. А за ставата твоја! Вратот го немаш. Знаеш ли колку е тоа на цена?  А носот твој долг! Па тоа е рилка! Вреди да стои на уметничка слика! Да не ги заборавам острите канџи – прв си во копање црви за манџи! Земи огледало, види се, ете!“   Ама џабе му било. Знаете – слеп е.  Илустрација: Јана Јакимовска Од истите авторки: Себичната крава

Ав, австралиска песна

од Владимир Лукаш Малата коала евкалиптуси јаде и вртливи бумеранзи од Абориџините краде.   Тивка е и мирна, сака да си спие и штом чуе лаеж в гранки се крие:   „Ах, тој динго – песот див, некој пак му е крив! По цел ден вреви гласно, ништо не му е јасно!   Лае на змии, на кенгури ‘ржи, скока како улав, место не го држи!“   Воздивнува тажно и си готви чорба. Па, што ако е мече, сепак е торбар. Designed by Freepik Од истиот автор: Творчето Смрдливко Гнездо од алги Песна за мојата песка Братство и единство 100.001-та песна Магарешка песна