од Снежана Стојчевска

Шеќерна приказна беше моето детство. Седната во првиот ред ги гледав сите изведби на претставата што ја знаев наизуст. Татко ми ја играше мечката, која со волкот и лисицата го зароби славејот и во големата шума завладеа тага. Но приказните секогаш имаат среќен крај и добрите животни го ослободуваат славејот, а негативците паѓаат во сопствената стапица. На крајот кога актерите се поклонуваа, сите деца викаа УРА за добрите и УАА за лошите животни. Само јас, целата вознесена, рипнував од столчето, плескав со малите рачиња и викав: БРАВО ТАТО! И не можев да сфатам како некој може да вика УАА кога тој е најпрекрасниот татко на свет.
илустрација: Калин Маловски
Песната е објавена во книгата ,,Ќе се завијам во песни“, во издание на МИ-АН, 2019 година