од Владимир Лукаш

Една страшна лавица – шумската убавица, маскирана во зајче стапна на ’рѓосано шајче. „Оф, леле, ама пече!" – насолзено таа рече; „Зошто боса в шума скитам и како бесна глиста итам?" „Што ти е, лавице, шумска убавице?" – праша Оли, мравојадот, доселеник од градот. „На шајче згазнав, ич не пазам! Сега солзи ронам и в болки тонам..." „Изеди цвет од пиперче луто во зенитот на цутот и ќе ти мине за миг, додека кажеш дама пик." Лавицата касна од цветот, велат – најлут на светот и како домат се вцрви, јазикот ѝ се здрви. „Мравојаду, ти си луд! Кралот ќе те стори шут! Устата ми зовре ко лава, ми гори целава глава!" „А шепата те боли?" – праша мравојадот Оли. „Шепата? О, навистина, болката сосем истина... Мравојаду, прости, дојди ни утре на гости. На ручек ќе ни дојдат јато чавки, ќе ти зготвиме печени мравки." И така, ново пријателство се роди, в шумата која нит' се тера нит' се води, населена со животни чудни и безброј приказни будни.
Илустрација: Наталиа Лукомска
Од истиот автор:
Reblogged this on mmhumanity.
Ми се допаѓаМи се допаѓа