Новости
Напиши коментар

Креативен предизвик на Чудна шума и Детски креативен центар – МКЦ

Детски креативен центар МКЦ во соработка со е-списанието за деца Чудна шума ги повикува сите мали креативци да нацртаат цртеж (во техника по нивен избор) и/или да напишат приказна или песна инспирирана од песните за деца на авторот и илустратор Владимир Лукаш. Во предизвикот можат да се вклучат сите деце кои имаат желба да творат: да цртаат или да пишуваат песнички и раскази.

Песните на Владимир Лукаш можете да ги прочитате подолу, а творбите треба да се споделат ТУКА, во дискусијата на фејсбук настанот на Чудна шума и Детски креативен центар, како пост од текст и/или слика.

Селекција од цртежите и тесктовите ќе биде објавена на Чудна шума.

Песни за деца од Владимир Лукаш:

СОН, СЛОН И БАЛОН

Слон врз слон врз слон
стојат на шарен балон.
Зајко ги гледа,
зема една креда
и почнува да ги црта
врз куќата на кртот.
„Зајко, покрив ќе ми урнеш,
оџак ќе ми турнеш!
Помести се еден метар
оти ќе го видиш свети Петар!”
– кртна Владо, кртот лут
и му седна на Зајко в скут.
„Нани, нани, крту Владо
и сонувај цело стадо
овци што те стрижат
дур очички ти мижат.”
Кртот заспива мирно
в полето ширно,
но часови минаа
и слоновите заминаа…
„Ах, крту кртосан,
ќе земам сега барабан
и од сон ќе те рипнам
в дупка ќе те џитнам!
Кај ли сега да идам
слонови врз балон да видам?”


ЖЕЛКА НА ЕЛКА

Една мала сонлива желка
се разбуди на висока елка.
Никој не знае како се качи
и сега, да се симне се мачи.
Чучулигите ѝ се смеат,
шеговни песни ѝ пеат
а таа, кутрата, солзи рони:
„Ех, да имав крилесто пони!“
– си помислува
и веднаш се премислува:
„Не, туку хеликоптер мал
создаден од кал!
Или, супермен-чивава
на облаци што јава…“
И додека размислува
и сенешто си замислува,
слушна тропнеж на врата,
отвори и виде птици – цели јата
панди-бамбусојатки,
кифлички солени и слатки,
лижавчиња од марципан,
Венди и Петар Пан,
ребуси и равенки тешки,
ридови снежни и вулкани жешки
па дури и пингвини-акробати
од кои умот се мати.
Кога, одеднаш – телефон:
„Ало, овде соседот слон,
повторно зборуваш в сон.
Туку, ќе ти пречи ли ако посвирам
на мојот тромбон?“
Желката, сонлива сета,
сети како сонот ѝ летна.
„Кутрата јас“
– се насмеа наглас,
крена ролетни
и се расони за час.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s