Раскази, Списание „Чудна шума“
Напиши коментар

Ќерката на брановите

Приказни од Sунливото Море

од Билјана С. Црвенковска

Илустрација: Ирина Атанаскова – Ина

– Се прикажува – рече старицата со тивок, зарипнат глас – дека таму можеш да стигнеш само ноќе. 

– Само ноќе!? – праша Ален. – Зошто? Зошто не дење, мислам?

– Таква е природата на Sунливото Море, влезот во него е видлив само на месечева светлина. 

– Влезот во него…?

 – Ах – воздивна старата, чувствувајќи се заморено од непресушните прашања на Ален. – Како што веќе ти кажав, за да дојдеш до Sунливото Море, мораш да го препловиш Ветровитиот Океан. Сега си тука…

Таа почна да црта во песокта, а Ален се вдлабочи во нејзиниот цртеж. 

– Сега си на овој мал остров, значи речиси си при крајот на твоето патешествие. Ако тргнеш вечерва, можеби ќе успееш да стигнеш до Sунливото Море пред да се раздени.

– А потоа? – повторно праша Ален. 

– Потоа, сè зависи од неа… 

– Од ќерката на брановите – тивко прошепоти Ален.

Старата не одговори ништо, туку само кимна со главата. За неа муабетот беше завршен. Немаше веќе што да додаде. 

Веднаш по залезот на сонцето (можеби најубавиот залез кој Ален Морепловецот го имаше видено откога крстосуваше по јужните мориња), му свирна на галебот Герман, па застана на кормилото на бродот и полека заплови по Ветровитиот Океан. Се заврти за последен пат да го види Играл, островот на заоѓачкото сонце. Од планината Кат се извиваше тенок столб бел чад. Јато божилакови птици надлетуваа над шумичката со виолетови палми. Мирисаше на муни-цветови. Морепловецот Ален го заврти кормилото, ги крена едрата и бротчето весело потскокна на брановите, итајќи во непознатото.

Часови подоцна, кога тенкиот срп на месечината беше речиси со едното крајче допрен до морето, а неговиот брат-близнак го очекуваше нестрпливо тој нечуен бакнеж, Ален почувствува како го лазат морници. Возбудата во него растеше, оти чувствуваше дека се наближува до него… и до неа… На миг ги затвори очите, обидувајќи се да се смири и тогаш, во тоа делче од секундата, како да слушна нешто! 

Тивко, тивко ѕунење. Можно ли е… веќе да влегол во него? Во Sунливото Море!? 

Ален повторно ги затвори очите и наслушна. Несомнено, морето ѕунеше! Тивко, па погласно, па едвај чујно, па посилно… Ален ги отвори очите и веќе немаше потреба да ги затвора, оти морето сега ѕунеше јасно, радувајќи им се на дојденците. Галебот Герман, заспан на врвот на јарболот, го отвори едното око, но потоа продолжи да дреме. Нему му беше сеедно каде е, сè додека има рипчиња за ловење. 

Но затоа Ален беше мошне возбуден. Срцето му потскокнуваше и гореше од желба да ја види, онаа за која се прикажуваше преку седум мориња и океани, онаа што беше тука уште пред да се разделат континентите, онаа што владееше со морето и сите кои се движеа во него и по него. Ума Раку, ќерката на брановите. 

Во прво време Ален беше убеден дека таа е само чедо на приказните, легенда која се пренесува со шепот меѓу децата, која старците ја мрморат крај вечерните огништа. Но потоа почна да ги слуша внимателно приказните на морепловците, кои претпоставуваа дека таа е таму некаде, веројатно во Sунливото Море. Не беа сосема сигурни, оти Ален немаше сретнато ниту еден што ја видел. Не беше сигурен ни Ален, но посакуваше… длабоко во себе посакуваше таа да постои и тој, токму тој да ја има среќата и честа да ја запознае. 

Сега, кога конечно успеа да плови низ виолетовите води на Sунливото Море – тој знаеше. Едноставно знаеше дека таа е тука. Но, дали ќе сака да се појави пред него? Што ако не е достоен? Така си размислуваше Ален додека го гледаше српот на месечината како се бакнува со својот брат во морето, пред и двајцата да исчезнат во темнината. 

– Сега морето и небото се едно исто. Како што беа и некогаш одамна, во времето исчезнато од сеќавањата – Ален слушна ѕунлив глас кој доаѓаше од десната страна на бродот. 

Погледна преку оградата и се стаписа. Не затоа што таа изрони пред него, тивка и смирена (а изрони во мигот кога тој погледна преку оградата); и не затоа што беше прекрасна (а беше); туку затоа што сфати дека таа владее со морето и небото, со сонцето и месечината, со ѕвездите и рибите и брановите… со облаците и ветровите… дека владее без да им биде господарка, дека им командува без да издаде наредба, дека раководи со нив без да им побара нешто. 

– Како го правиш тоа? – праша Ален, иако не беше сигурен што прашува. Како меѓу нив претходно да се одвивал некој нечуен муабет. Од каде ги знаеше тој сите тие работи за неа? Ни тоа не му беше јасно. 

– Доволно е само да помислам – одговори таа. 

– Но, не разбирам точно што правиш… – се збуни Ален. 

– Ја играм играта – одговори Ума Раку. – Вечната игра на разделување. 

– Разделување? – Ален се изгуби во нејзините зборови, сега навистина ништо не му беше јасно. 

– Погледни – рече таа. – Sунливото Море е на крајот од нештата, знаеш? По него веќе нема ништо. Односно, по него се враќаш на почетокот. Токму затоа тука работите се мешаат. 

– Се мешаат? 

– Гледај – рече таа, нурна во водата и миг подоцна се врати со една ѕвезда. Не морска ѕвезда, туку вистинска ѕвезда која светеше како светулка од морето. – Тука, на крајот на нештата, или на нивниот почеток, тие се такви какви што биле отсекогаш. Има ѕвезди во морето, има риби на небото, има две месечини што се бакнуваат… 

– Риби на небото? – праша Ален и во истиот миг над главата му прелета еден делфин. – Ох! – се зачуди и веќе немаше што да каже. Sунливото Море и Ума Раку беа сосема поинакви одошто ги замислуваше. 

– Играта на разделување – продолжи да ѕуни таа – е мојата вековна задача. Да ги разделувам нештата горе и нештата долу. Да внимавам да не се спојат повторно. Некогаш, кога ќе заспијам (а спијам ретко), знаат да ме прелажат… Силните, виорливи морски ветрови, темните облаци што носат невреме, високите, лути бранови. Но, јас ги смирувам и ги враќам на место, иако знам дека копнеат да се спојат и да станат едно… надвор од Sунливото море, каде што не им е дозволено да го прават тоа. 

Ален молчеше и ја гледаше. Имаше безброј прашања, но не можеше да изусти ниту едно. Едноставно, како да беше нем пред неа. 

– Немаме многу време – Ума Раку му ги прочита мислите. – Чувствувам дека сакаш да ме прашаш нешто. 

– Колку години имаш? – избрбори, ни самиот не знаејќи од каде дојде тоа глупаво, обично, детско прашање. Од сите прашања на светот, тој ја праша токму тоа! Не можеше да си прости. 

Ума Раку се закикоти. 

– Не ги бројам годините, никогаш – одговори таа со насмевка. А потоа замолчи. И Ален молчеше. Не сакаше туку-така да се раздели од неа. Од ова девојче кое имаше поглед на стара илјадагодишна мудрица. 

– Ајде да ловиме ѕвезди – му рече таа ѓаволесто. – Водата не е студена. 

И тој веднаш се согласи, иако горе на бродот му беше свежо, дури и ладно. Се соблече набрзина и скокна во водата. Таа нурна, а тој нурна по неа. Внатре во длабочините, во нејзиниот чудесен, волшебен свет. Нуркаа и пливаа, се кикотеа и ѕунеа, се прскаа и врескаа. Таа се обиде да му ја покаже играта на разделување. Тој се преправаше дека ја разбира. Уловија три ѕвезди и ги закачија на неговиот брод, како фенерчиња, додека Герман ги гледаше под око. Потоа гледаа во јатото китови кои патуваа по небото. 

На крајот, тој седна на палубата, а таа се врати назад во морето. Ален почувствува тага, оти знаеше што следува.

– А сега, патувај – му рече Ума Раку. – Продолжи право и ќе се вратиш на почетокот. 

Потоа тивко додаде: – Нема да ме видиш повторно. 

– Чекај! – успеа да пропелтечи Ален. – Те молам, кажи ми само, што е тоа на почетокот

Ума Раку гласно се насмеа. Нејзината смеа ѕунеше по морската шир. Потоа без збор нурна во морето и наеднаш настана тишина. Месечината зарони веднаш по неа и небото и Sунливото Море станаа темни, целите освен ѕвездите – во нив. 

Ален се потпре на оградата, малку исплашен од оваа необична средба, додека бродот самиот си пловеше напред, кон крајот, кон почетокот.

***

Следното нешто што Ален го здогледа беше сонцето, кое инаетливо се провираше меѓу завесите на прозорецот од неговата соба. Време е за на училиште, мрзливецу, му рече сонцето, а Ален дури сега ги разбра зборовите на Ума Раку. Сега ќе мора да чека до вечер, за повторно да може да тргне на пат, за повторно да заплови, преку седум мориња и седум океани, накај Sунливото Море…


Од истата авторка:

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s