Чудна шума препорачува…
Денеска во нашата читална препорачуваме неколку прекрасни книги за деца. 🙂

Илустрираниот роман „Грозовилата во Страшната шума“ од Јана Бауер и илустрации на Керолајн Тау, во издание на Арт Конект. Преводот од словенечки е на Лидија Димковска.
Еден ден, нешто чудно се случува во Страшната шума. Со балон, на кој наместо кошница виси чајник, долетува едно непознато суштество. Мало е и мошне налутено. Облечено во летно фустанче и носи шапка низ која ѕиркаат рокчиња. Тоа е Грозовила, страшната самовила! Сите животни во Страшната шума се зачудени и возбудени од оваа неочекувана посета.

Сликовницата „Нешто Друго“ од Кетрин Кејв и илустрации на Крис Ридел, во издание на Темплум.
Едноставна приказна за мало и нежно суштество кое неуспешно се труди да стане како другите… Но, тоа е поинакво. Иако се обидува да стане како другите, тоа е Нешто Друго. Еден дел се појавува друго чудно суштество кое сака да биде пријател со Нешто Друго. Но, сега, пак, Нешто Друго не сака да се зближи со чудното суштество бидејќи тие „не се исти“…

Сликовницата „Sверче од бои“ на Ана Лјенас, во издание на Сказнувалка.
Едноставна и забавна приказна, која ќе ги воведе децата и возрасните во фасцинантниот јазик на чувствата. Ѕверчето од бои не знае што му се случува. Направило карамбол со емоциите и сега треба да ја расправи мешаницата. Ќе умее ли да ги подреди радоста, тагата, лутината, стравот и спокојот?

Сликовницата „Во моето меше живее некое животинче“ на Гжегож Касдепке и илустрации на Гомек Козловски, во издание на Бегемот.
Духовита книга за едно необично таинствено животинче. „По една авторска средба, млада мајка ми раскажа забавна приказна. Нејзината неколкугодишна ќеркичка се вслушала во својот раскркорен стомак и била убедена дека во него живее некое животинче. Констатирав дека е тоа фантастична идеја да напишам книга.“
Прочитајте извадок од сликовницата ТУКА или симнете пдф-документ ТУКА.

e-Сликовницата „Кој живее во самовилската градина“ на Ванчо Полазаревски и илустрации на Наташа Костовска.
Кога облак од радост „плаче“, подава капка-раче, да расцути темјанушка, со роза, нарцис... да се гушка, сите во танц, во балет – во пролетен букет.
Прочитајте ја е-сликовницата ТУКА.