
Алпака е припитомено јужноамериканско животно од фамилијата на камилите. Најблиски роднини на алпаката се ламите (припитомени) и гванако и викуња (диви).
Овие животни се помали од ламите. Живеат во стада, на висорамнините на планините Анди, на надморска височина од 3.500-4.000 метри. Тие биле припитомени пред неколку илјади години од индијанските племиња кои живеат на Андите (јужно Перу, западна Боливија, Еквадор и северно Чиле).

Крзното на алпаката може да биде во различни бои: црно и кафеаво, сиво и жолтеникаво, па дури и бело.
Од влакната на алпаката, која се стриже на сличен начин како волната на овцата, се изработуваат традиционалните јужноамерикански плетени и ткаени облеки: понча, ќебиња, капи, ракавици, шалови, џемпери…