Од шумите на Европа, Раскази, Списание „Чудна шума“
Напиши коментар

Најосамениот пингвин на светот

од Зоран Пеневски

Пингвинот Пајко живееше на третата санта мраз од Големата жолта карпа и беше сам на светот. Секаде околу себе гледаше само мраз и снег, и црниот океан. Беше толку осамен, што одлучи сам себе да си напише писмо, да го стави во тегла и да го прати по океанската пошта. Ќе му биде забавно да го чека писмото, нестрпливо да види дали нешто ќе се промени. Воодушевен од својата идеја, отиде кај мајка си и ѝ побара лист хартија.  

– Што ќе ти е хартијата? – праша мајка му. 

– Сакам себеси да си напишам писмо. Многу сум осамен.

– Добро – рече мајка му и му даде лист хартија.

Пајко отрча тогаш кај белото мече Марко. 

– Те молам дај ми молив. 

– Што ќе ти е молив? – го праша Марко. 

– Сакам да си напишам писмо затоа што сум многу осамен и затоа што никој не сака да разговара со мене. 

– Не е лоша идеја да се занимаваш малку, особено кога ќе дојдеш дома по училиште – рече белиот мечок и му даде молив. 

Потоа Пајко седна и го потпре листот хартија на една темносива карпа. Таа се помрдна и дури тогаш пингвинот виде дека тоа е фоката Финка. 

– Ох, извини Финка, немој да мрдаш додека не го напишам писмово. 

– Нема проблем – рече Финка. – А кому му пишуваш?

– Си пишувам себеси затоа што сум многу осамен. 

И тој почна да пишува:

„Драг Пајко, знам дека си најосаменото суштество на светот, ама еве ме имаш мене, пингвинот Пајко, кој најдобро те разбира.

            Твојот другар Пајко.“

Ја свитка хартијата и отиде кај морскиот галеб Гуте.

 – Извини, Гуте, дали имаш тегла во која би можел да го ставам ова писмо?

– Имам, еве оваа малечкава. Ќе ти заврши работа – му даде тегличка Гуте. – А кому му пишуваш?

– Си пишувам себеси затоа што тука сум осамен и затоа што никој не сака да си игра со мене. 

Потоа го стави писмото во тегличката, а на нејзината етикета напиша: За пингвинот Пајко, третата санта од Големата жолта карпа, и отиде кај поштарот, малиот грбав кит Коста. 

– Коста, можеш ли ова да го пратиш по океанската пошта? 

– Можам. А за кого е?

– За мене, затоа што сум многу осамен и никој не сака да се допишува со мене. 

Во мигот кога Коста ја зеде тегличката со себе, дојдоа пингвините Мирко, Марика и Жарко. 

– Ајде со нас, Пајко! Тргни со сантата кон оној брег!

– Не сакам! – им одговори Пајко. – Ако тргнам со сантата, можеби ќе се стопи, па поштарот нема да ми го донесе писмото на вистинската адреса. 

Пајко воздивна и си помисли дека воопшто не е лесно да бидеш сам на светот. 


Илустрација: Катерина Николовска

Превод од српски јазик: Билјана Црвенковска


За авторот:

Зоран Пеневски е српски писател на романи, романи за деца и графички романи, сценарист и преведувач. На македонски јазик досега се преведени романите за деца „Сара и заборавениот плоштад“ (Полица, 2018) и „Будимир и ретките животни“ (Арс Ламина, 2020), како и романот „Полноќ во нејзините раце“ (Просветно дело, 2019).

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s