од Оскар Вајлд
Секое попладне, кога се враќаа од училиште, децата одеа да си играат во градината на Џинот.
Една голема, прекрасна градина, со мека зелена трева. Овде-онде по тревата беа расфрлени прекрасни цвеќиња како ѕвезди, а имаше и дванаесет праски, што напролет се расцутуваа со нежни цветови во бисернорозова боја, а лете раѓаа богати плодови. Птиците седеа на дрвјата и пееја толку слатко, што децата често престануваа со своите игри за да ги слушаат.
„Колку сме среќни овде!“ си велеа децата.
Еден ден Џинот се врати. Тој беше заминал да го посети својот пријател, Корнволскиот огар, па остана со него седум години. Откако поминаа седумте години, тој кажа сè што имаше да каже. А бидејќи речникот не му беше многу богат со зборови, реши дека е време да се врати во својот замок. Кога пристигна дома, ги виде децата како си играат во градината.

„Што правите тука?“ викна тој со мошне груб глас и децата избегаа.
„Мојата градина си е само моја градина“, рече Џинот; „секој би требало да го сфати тоа и јас нема да дозволам никој да си игра во неа освен мене.“ И така тој изгради висок ѕид околу градината и стави знак со предупредување:
НАТРАПНИЦИТЕ ЌЕ БИДАТ КАЗНЕТИ
Тој беше еден мошне себичен Џин.
Кутрите деца сега немаа каде да си играат. Се обидоа да си играат на патот, но патот беше многу прашлив и полн со остри камења. Тоа не им се допаѓаше. Кога ќе им завршеа часовите, тие најчесто талкаа околу ѕидот и си зборуваа за прекрасната градина зад него.
„Колку си бевме среќни таму“, си велеа.
***
Тогаш дојде Пролетта и целата земја беше расцветана, расцутена и полна со мали певливи птици. Само во градината на Себичниот Џин сè уште беше Зима. Птиците не сакаа да пеат во неа затоа што немаше деца, а дрвјата заборавија дека треба да расцутат. Еднаш, едно преубаво цвеќенце го протна главчето низ тревата, но кога го виде знакот со предупредувањето му стана толку жал за децата, што си се повлече назад во земјата и повторно си заспа. Единствени што беа задоволни беа Снегот и Мразот. „Пролетта ја заборави оваа градина“, вреснаа тие, „па ние ќе си живееме во неа цела година.“ Снегот ја покри тревата со неговиот голем бел плашт, а Мразот ги обои сите дрвја во сребрена боја. Тогаш тие го поканија и Северниот ветар да живее со нив. Тој дојде, обвиен во крзна, по цели денови рикаше низ градината и ги оддува горните делови од оџаците. „Ова е многу фино место“, рече тој, „мораме да го поканиме и Градот да дојде да нè посети.“ И Градот дојде. Секој ден по три часа тропаше на покривот од замокот, сè додека не ги искрши речиси сите ќерамиди, а потоа трчаше во кругови низ градината, најбрзо што можеше. Тој беше облечен во сиво, а неговиот здив беше студен како мраз.
„Не можам да разберам зошто Пролетта доцни толку “, рече Себичниот Џин додека седеше крај прозорецот и гледаше во студената бела градина; „Се надевам дека времето ќе се подобри.“
Но, Пролетта никогаш не дојде, а ни Летото. Есента им подари златни овошки на сите градини, но на градината на Џинот не ù подари ниедна. „Тој е премногу себичен“, рече таа. И затоа во градината постојано беше Зима, а Северниот ветар и Градот и Мразот и Снегот танцуваа наоколу низ дрвјата.
Едно утро Џинот лежеше буден на креветот, кога слушна некоја прекрасна музика. Таа звучеше толку убаво, па тој помисли дека сигурно тука поминуваат кралските музичари. Но, всушност, тоа беше само една малечка сипка што пееше покрај неговиот прозорец, но помина толку долго време откако Џинот имаше слушнато птица во неговата градина, што му звучеше како најпрекрасната музика на светот. Тогаш Градот престана да му танцува врз главата, Северниот ветар престана да рика, а низ отворениот прозорец до него дојде мирис како најсладок парфем. „Изгледа дека Пролетта конечно пристигна“, рече Џинот; скокна од креветот и погледна низ прозорецот.
***
И што здогледа?
Пред него имаше чудесна глетка. Децата се прикрале во градината низ една малечка дупка во ѕидот, па сега седеа на гранките од дрвјата. На секое дрво што можеше да го види, седеше детуле. А дрвјата беа толку среќни што децата се повторно тука, што расцутеле, полни со цветови, та мавтаа нежно со рачињата над главите на децата. Птиците летаа наоколу и црцореа од задоволство, а цвеќињата ѕиркаа низ зелените тревки и се смееја. Глетката беше прекрасна, а само во едно ќоше сè уште беше Зима. Тоа беше најдалечниот агол од градината. Во него стоеше едно момченце. Тоа беше толку малечко што не можеше да ги досегне гранките од дрвјата, па се врткаше околу дрвото и ронеше горчливи солзи. Кутрото дрво сè уште беше потрупано со снег и замрзнато, а над него дуваше и рикаше Северниот ветар. „Качи се, момченце“, рече Дрвото и ги сви гранките надолу, најниско што можеше; но момченцето беше премногу ситно.
Кога го виде ова, срцето на Џинот се стопи. „Колку ли бев себичен!“ рече тој. „Сега знам зошто Пролетта не сакаше да дојде овде. Ќе одам и ќе го качам тоа кутро момченце на врвот на дрвото, а потоа ќе го урнам ѕидот и во мојата градина децата засекогаш ќе можат да си играат.“ На Џинот навистина му беше жал за тоа што го стори.
Тој се прикраде долу и тивко ја отвори влезната врата, па излезе надвор во градината. Но, кога го видоа децата, толку се исплашија што сите избегаа, а во градината повторно дојде Зимата. Само малото момче не избега, затоа што очите му беа толку полни со солзи што не го виде Џинот како доаѓа. Џинот се прикраде зад него и нежно го зеде во рацете, па го стави горе на дрвото. Дрвото веднаш расцути, птиците долетаа на него и почнаа да пеат, а момченцето ги стави рацете околу вратот на Џинот и го бакна. Кога видоа дека Џинот веќе не е злобен, другите деца веднаш дотрчаа назад, а со нив дојде и Пролетта. „Ова е сега ваша градина, дечиња“, им рече Џинот, па зеде една огромна секира и го урна ѕидот. А кога луѓето напладне одеа на пазар, го најдоа Џинот како си игра со децата во најубавата градина што некогаш ја виделе.
***
Децата си играа цел ден, а вечерта дојдоа кај Џинот да му кажат до гледање.
„Но, каде е вашиот малечок другар?“ праша Џинот. „Момчето што го ставив на дрвото.“ Џинот најмногу го сакаше малото момче затоа што го бакна.
„Не знаеме“, одговорија децата; „си замина.“
„Не заборавајте да му кажете утре да дојде овде“, рече Џинот. Но, децата рекоа дека не знаат каде живее и дека не го виделе претходно; а Џинот се почувствува мошне тажен.
Секое попладне, по училиште, децата доаѓаа и си играа со Џинот. Но, малото момче што Џинот го сакаше не дојде веќе никогаш. Џинот беше мошне љубезен со сите деца, но копнееше да го види својот мал пријател и често зборуваше за него. „Колку би сакал да го видам!“ велеше.
Минуваа годините, а Џинот остаре и се изнемошти. Веќе не можеше да си игра, туку седеше во една голема фотелја и ги гледаше децата како си играат и ù се восхитуваше на својата градина.
„Имам многу убави цвеќиња“, велеше, „но децата се најубавите цвеќиња што постојат.“
Едно зимско утро, додека се облекуваше, Џинот погледна низ прозорецот. Тој веќе не ја мразеше Зимата, затоа што знаеше дека таа е само заспана Пролет и дека тогаш цвеќињата се одмораат.
Одеднаш, тој ги протри очите, не верувајќи што гледа, па гледаше и гледаше во чудо. Тоа беше неверојатна глетка. Во најдалечниот агол од градината стоеше дрво, сето прекриено со прекрасни бели цветови. Неговите гранки беа целите златни, од нив висеа сребрени овошки, а под нив стоеше малото момче кое толку го сакаше.
Џинот, многу радосен, отрча надолу и излезе надвор во градината. Побрза по тревникот и дојде блиску до детето. А кога се приближи до него, лицето му поцрвене од лутина, па рече: „Кој се осмелил да те повреди?“ Бидејќи на рацете на детето имаше рани, како да бил закован клинец во нив, а исти такви рани имаше и на неговите малечки стапала.
***
„Кој се осмелил да те повреди?“ вресна Џинот; „кажи ми, за да го земам мојот голем меч и да го сотрам.“
„Не!“ одговори детето; „бидејќи ова се рани на Љубовта.“
„Кој си ти?“ рече Џинот и го обзеде чудна страхопочит, па падна на колена пред детето.
А детето му се насмевна на Џинот и му рече: „Ти еднаш ме пушти да си играм во твојата градина, а денеска ти ќе дојдеш со мене во мојата градина, во Рајската градина“.
Попладнето, кога децата дотрчаа во градината, го најдоа Џинот како лежи мртов под дрвото, опсипан со бели цветови.
Превод: Билјана Црвенковска