од Роберто Пјумини
Италијанскиот писател Роберто Пјумини, на својот 73 роденден (14 март), напишал песничка преку која на најмалите им се објаснува – на сериозен, но истовремено и смирен начин – невремето со вирусот и како да се справуваат со него.

Што тоа велат низ воздухот летка? Се случува ли нешто што јас не знам? Зошто ни на училиште одам, ни шеткам? Еве што е работата, ќе ви кажам сега вам. Има нешто што многу личи на круна, но не е ни круна, ни царица, ни цар! Ни човек, ни маче, ни сардина, ни туна... Добро, ќе ми кажеш ли што е? Не? Скар! Чекај де, полека, дај не лути се човече – ќе ти кажам што е тоа, но смирено, стоп! Можам дури и да ти покажам довечер ама само ако најдеме некаде микроскоп. Тоа е едно типче отровно, вирус се вика ситно е и немирно, и место не го фаќа: подмолно е и некултурно, секаде се пика си живее само, но има милиони браќа. Ова типче е малечко и бескрајно лесно, од едно на друго место брзо пребегува, опасно е и невидливо ова војниче бесно и, замисли, сака во луѓето да влегува. Но, кои се луѓето? Тоа сме сите ние, нели, и јас, и ти, и другите, и немаме ние време да чекаме гости-вируси: ние сме смели па затоа тој никаквец надвор ќе си дреме. На пример, штом ќе ни дојде да кивнеме, ние киваме право во лакотот од нашата рака: тој ќе се сплетка таму, а ние ќе здивнеме: јас и ти сме умни, секогаш правиме така. Јас, штом излезам, а потоа дома се вратам, не фаќам ништо, трчам раце да си измијам: за на она типче шансите да му ги скратам со вода и со сапун добро ќе ги истријам. И ти, како мене, гледај раце да си миеш за сето твое тело да биде чисто и здраво. А ако оној мангуп сака в дланки да ти спие толку, крај со него – во канализација право. Затоа, штом ќе влезат дома мама или тато, веднаш подвикни им „Ајде право во тоалет!“ Штом мама раце ќе си измие, речи ѝ „Злато!“, а штом тато ќе те послуша, нацртај му цвет. Но, ова е најважно: немој никако со прсти да си ги чепкаш устата, очите или носот. Исто, гледај да не пиеш вода од грст и... океј, доволно. Битно го сфаќаш штосот. Јас и дедо ми, пак, други луѓе штом има гледаме меѓу нас растојание да зачуваме: можеме да се дружиме (и лете и во зима) и без да се гушкаме или поздравуваме. Бакнежи и прегратки? Во никој случај. Немој со другарчињата да се разнежите: она невидливо бандитче насекаде чучи, затоа најубаво да ги одложиме бакнежите. Надвор често гледаме луѓе маскирани иако не е ни први април, ни карневал. Но не се тоа крадци, опасни ко пирани: она невидливо типче е поопасно, за жал. Човекот надвор маска на лице си става зашто таа нашиот здив го филтрира: оној штетник тогаш џабе низ воздух јава, а човекот со маската си диши на мира. Но, дур не му се изгуби и трага и глас на оној со круната што со око не се гледа, знаеш ли ти, другар, што си правам јас? Ова: дома си седам. Тоа е мојата генијална воена стратегија, оти ниту на училиште одам, ниту шетам, а надвор пак, оној штетник (цела легија!) скришно и немирно низ воздухот си лета. А другари, роднини, што? Ќе ги сониме? Не. Но, не мора ни по улици да кружиме – за да ги видиме, треба само да им ѕвониме: ете и преку екран можеме да се дружиме. Но, ако се сакаме, што треба да правиме? Ништо: ќе си се држиме на растојание. На гушки и бацки засега ќе заборавиме, со зборови ќе си даваме љубов и внимание. Зборовите се подароци, оти тие се време, скапоцени се тие: ајде, наместо да акаме, да ги засадиме сега, како некое добро семе: ај да им ги дариме на оние што ги сакаме! А јас, и ти, и сите ние – дома ќе си седиме и ќе го минеме овој пат, кој нема да е лесен, за со грижа и трпение на крај да го победиме овој натрапник мал, невоспитан и бесен. И потоа, откако ќе успееме да го положиме овој тежок испит, овој тест, овој лов сите ние заедно ќе знаеме да се вложиме во еден уште поубав живот, мудар и нов.
Препев: Живко Грозданоски
Извор: Булевар Ослободување