од Тања Аждаја

Во домот на стаорот Ришвалипед Живееше тажниот Велосипет. Не одеше нигде по белиот свет Заробен беше ко птица в омлѐт. „Зошто не ме сака стаорот мој?“ Од жал си свитка една спица тој „Тркалата ми се сите во строј, гумите – нови по најкружен крој. Да не е зашто јадам само паштета? Можеби треба да држам диета? Но диета држи само тој што лета А не и некој што по земјата шета.“ И пред да му дојде мислата следна Некој го грабна, на седло му седна И в двор се најде со гумата предна, Низ врата летна ко камен во бездна. „Добар ден, дали е тука лекарот Мед?“ „Да, ве чека со вашиот велосипет – првата врата лево – соба со број пет, седнете, почекајте да ви дојде ред.“ А таму – заедно со лекарот Мед, Седеше и строгиот трут-логопед. „Повелете, Стаорец, што не е вo ред Со говорот на вашиот велосипет?“ „Не може да рече Д, докторе Мед, место Велосипед вика Велосипет“. „Ах, па тоа не е за трутот-логопед, Вам ви е потребен само лекторот Цвет“. „Добар ден, дали е тука лекторот Цвет?“ „Да, ве чека со вашиот велосипет - собата со маса со книги и букет пред која чека електричен тротинед.“ „Па тоа е Нед!“ – извика Велосипет, „Тротинетот на гавранот Касподипед! Се судривме лани дур чекавме ред Пред шалтер за букви и бројки до пет. Ни испаднаа сите букви на под, Нѐ поправи дислексичен октопод.“ И пред да влезат кај лекторот Цвет, Сами ги ставија буквите в ред: „Здраво, јас сум стаорски велосипед!“ „Здраво – јас сум електричен тротинет!“
илустрација: Владимир Лукаш