од Владимир Лукаш
Се сретнале еднаш полжавот Веднаш, жабецот Креш, болвата Чеш, ежицата Трна и анонимната срна под едно дрво – кралството на црвот. Го чекале в молк берберот волк влакна да им стрижне оти празник се ближи. Чекале и чекале и чекале за храна и вода пекале а од волкот ни трага ни глас... „Оф, леле, кутрата јас!“ – рече срната и пушти солза. „Од чекање немаме полза!“ – викна полжавот гласно оти трпението му спласна. „Нè заборави волкот... се смрачив, а бев в болскот...“ – се натажи Трна и кон дома тргна. „Јас ќе почекам, можеби ќе го дочекам. Шишкиве в очи ми влегуваат, ме скокоткаат, ме полудуваат!“ – болвата Чеш рече и по гаќи се слече оти сонцето пече ли пече. А волкот дома си спие, од жешкото се крие, денес не појде на работа оти, нели – сабота.
Илустрација: Љубиша Камењаров
Од истиот автор: