Month: м.г

Шарена преобразба

од Владимир Лукаш „Не сакам да се преобразам,  оти многу ќе се вообразам!  Вечно сакам гасеница да бидам,  од лист на лист да си идам,  да си останам слатко цуце,  бавничко зеленко буце.“ – гасеницата на кожурецот му рече,  една пеперутка утрово што го слече.  А кожурецот со раменици слегна,  срце од жал му се стегна.  „Гасениче, животот е тоа,  барем не си песја болва.  Против природата не може да идеш,  гасеница си денес, утре пеперутка ќе бидеш.“ Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy. Од истиот автор:

Еднорог

од Славе Ѓорѓо Димоски Како да сонам ед. Но. И рог? Како да сонам еднорог?   Се вртам ле. Се вртам вo. Се вртам левo.   Се вртам дес. Се вртам нo. Се вртам деснo.   Лежам на пле. Лежам на ќи. Лежам на плеќи.   Гледам во та. Гледам во ва. Нот. Гледам во таванот.   И чув. И ству. И вам. И чувствувам.   На челото ми расте рог. Јас сум еднорог! Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy. Од истиот автор:

Нилско коњче

од Ванчо Полазаревски Нилско коњче, слатко бонбонче, порасна и дојде доба во некоја секција да се проба. Тате, заради семејниот образ беше тој да вежба хокеј на мраз. Стрико му, без многу врева, да запне малку со тоа рагби на трева. Мама, нилска коњица, исто, слатка бонбоница, позната по вкус и чувство за естетика, повеќе беше за нешто во атлетика. Фрлање копје, ѓуле… или полесно градиво – да речеме, фрлање кладиво. А нилското коњче, слаткото бонбонче, леле, за резил и срам, пред чесниот нилски свет, одбра – часови по балет. Илустрација: Наташа Костовска Од истиот автор:

Прејаденото облаче

од Ана Голејшка Џикова Прејаденото облаче меше едвај чешка се препило и прејало на мака е тешка.   Да врне ли дождец или леко да снежи како и да се сврти мешето му тежи.   Го виде Виножитка и нежно го гушна од прегратката ведра дождец си шушна.   На небото сега двајцата се смеат штом помине дождот сончеви зраци ќе греат. Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy. Од истата авторка:

Шумски семафор

од Ванчо Полазаревски Во шума лази, не стои, семафор во разни бои. Наоколу болскоти зелено… Тој, иста боја – проверено! Зад него, растура боја лила, и тој лила, му била многу мила. Цвет, сиот жолта сеанса, овој,  бргу-бргу – иста нијанса. Чуден некој бонтон, за секој реон – нов креон, шарениот лазач,  шарениот лажач, сонливиот камелеон. А еве што изјави он: „Што  да правам? Ми се може, вечно ново руво ставам. Секоја боја ми е како…моја?“ Илустрација: Наташа Костовска Од истиот автор: