од Александра Симова

Две лисици друшки Седнале крај реката бесна И со срциња и бакнежи Пишуваат писма и песни. Едната вљубена во зајак, Другата во див крокодил. Нивните семејства дома Се држат за глава и за тил! „Ах, колку е убав и брз, Со опавче мало, бело Со уши долги, клапушести Зајакот мој е ремек-дело!“ „Врска немаш, да ти кажам, Дечко ти брз – не се ни стига. Со кожа рапава и груба Кроки мој е прва лига.“ Си збореле така Си мереле вкус Додека не прошетал Јазовецот кус. „Ох, какви мустаци!“ „Ох, каква става!“ „Какви ситни очиња!“ „Ах! Долгнавеста глава!“ Им светнале очите силно Се уплашил јазовецот мал Се вљубиле лисиците лудо А тој во бегство се вдал. „Дојди кај мене!“ „Не, јазовецу, стој!“ „Јас прва го видов!“ „Мисли си, тој е мој!“ Летаат крзна и опашки Се слуша фучење бесно Каква битка, драги гледачи Па зар има љубов лесна? Јазовецот кутар, бега Се скри зад едно дрво Тие се фатија за гуша Секоја сака да е прва. Останаа искубани Повредени од тага – „Јазовецот ни избега Ах, друшке драга! Да си одиме дома Нè чекаат за ручек Ќе најдеме друг дечко Утре поручек.“
Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy.
Од истата авторка: