од Владимир Лукаш

Паторот Душко се накашла и почна: „Еднаш, не така одамна, всушност, пред малку, или сега, или во некоја далечна иднина, еден мравојад-импресарио со неговата циркуска дружина дојде, или ќе дојде во една шума и поставил, или постави, или ќе постави голем шарен шатор и –“
„Леле, те молам, раскажувај во едно време. Кажи: еден мравојад-импресарио со неговата циркуска дружина дојде и постави голем шарен шатор и така натаму“, се побуни мечокот Сашко од прозорецот на пештерата и влезе внатре да гледа фудбалски натпревар помеѓу жирафите и скакулците.
„Што му фали на минатото?“, праша слонот Ставре, „Јас би почнал вака: Си беше еднаш еден мравојад… нели звучи подобро?“
„Не. Сегашното време е најдобро“, рече штркот Ѓоко и одлета на југ.
„Зошто одлета на југ кога е пролет?“, праша ретриверката Вини.
„Да си купи велосипед“, рече дождовната глиста Цртка и почна да се врти во круг.
„Велосипед? Па каде ќе го вози, на оџак?“, праша со неверица верверичката Мица.
„Каде гледаш оџак во шумава? Ќе го вози в гнездо, така прават сите“, рече колибрито Титан и побрза да си ги напумпа гумите на тротинетот.
„Ве молам, може да продолжам со приказната?“, викна паторот Душко.
„Која приказна?“, сонливо праша антилопата Пенелопа.
„За мравојадот, како која!“, се налути паторот.
„Ааа, ја знам! Кога мравојадот скокна со падобран и слета на Северниот пол и се запозна со поларниот мравојад Јети, кој му направи сладолед од поларни мравки, или, кога си стави маска на чивава и му лаеше на сонцето?“
„Не за тој мравојад, овој е друг!“
„Не знаев дека има друг мравојад…“, рече прасето Грок и заспа.
„Има, секако дека има, не постои само еден мравојад на светов!“, викна паторот.
„Сакаш да кажеш дека, исто така, нема само една срна?“, со неверица праша срната Мила.
„Да. Има илјадници срни, илјадници врапчиња, илјадници слонови, илјадници мравки и илјадници мравојади!
„Нема илјадници бенгалски тигри, на пример“, се побуни бенгалскиот тигар Кришна.
„Ниту илјадници носорози“, рече носорогот Нострадамус.
„Илјадници!? Нема ниту еден еднорог!“, рече еднорогот Мите и исчезна.
„Добро. Некои животни се побројни од другите. А сега, ќе може да ја продолжам приказната?“, воздивна паторот Душан.
„Ехеееј, дојдете сите во центарот на шумата, бргу, бргу!“, викна желката Молња.
Сите животни – освен паторот – побрзаа да стигнат во центарот на шумата, а таму, циркуската дружина на познатиот мравојад-импресарио постави голем шарен шатор во кој имаше сешто: бизонот-акробат, фоката-жонглерка, делфинот-пламеноголтач и десетици други талентирани животни – циркуски легенди.
Паторот Душко тивко воздивна и грицна од ужинката што си ја беше спакувал во новогодишна салфетка.
„И, што се случи?“, праша еден безимен лемур со големи, збунети очи, додека од центарот на шумата ечеше гласот на мравојадот-импресарио кој со восхит ја раскажуваше приказната за авантурите на неговата циркуска дружина.
Илустрација: Лукаш
Од истиот автор: