од Билјана С. Црвенковска

Калина се разбуди возбудена тоа сончево, пролетно утро. Оти, тој ден беше навистина посебен и таа го чекаше цела недела! Зошто? Затоа што требаше да оди на планинарење. Но не какво било планинарење, туку долго планинарење дури до врвот на планината!
„Мамо, мамо!“ викна радосно Калина откако се изми, се облече во спортска облека и појадуваше. „Ајде да одиме, ајде да одиме!“
Мајка ѝ се насмевна, го подготви ранчето во кое стави сокче, вода, сендвичиња и облека за пресоблекување, а потоа, со планинарски стапчиња, се упатија кон планината.
На почетокот патеката беше полесна и неколкупати се сретнуваа со други планинари, оние што станале порано, па сега се враќаа назад. Калина на сите им велеше „здраво“ оти сите планинари имаа обичај да се поздравуваат, иако повеќето не се познаваа.
Но, колку повеќе одеа нагоре, патеката стануваше потешка. Сепак, Калина не се пожали. Во еден миг Калина и мајка ѝ се најдоа на една полјанка од која понатаму продолжуваа неколку патеки.
„Ќе одиме по оваа патека“, мајка ѝ ја одбра најтесната патека, која изгледаше како да завлегува најдлабоко во шумата. „Најубава е од сите оти постојано е во сенка, а по неа секогаш ќе нè следат и звуците на шумата.“
Калина не знаеше што точно значи „звуците на шумата“, но беше љубопитна да дознае, па прва се стрча по патеката. И навистина, таа беше мошне интересна и сосема поинаква од разгазената патека по која се движеа претходно.
Околу нив имаше густа шума, а во длабоките сенки се криеја различни птици, животинки и инсекти: Калина виде голема сива птица која одлета со гласно мавтање на крилјата, едно друго, мало птиче кое пееше прекрасна песна, а потоа слушна чукање и, по долго пулење, го здогледа клукајдрвецот! Значи, тоа се звуците на шумата! – помисли Калина, за веднаш потоа да слушне и други звуци, оние што не доаѓаа од нејзините распеани жители.
Што слушна, Калина? Таа слушна како шепоти шумата! Да, навистина, шепоти. Но, дали шепотеше самата шума или ветрот во крошните на дрвјата, Калина не знаеше да каже со сигурност. Не можеше дури ни да разбере што точно шепоти шумата, или ветрот, или лисјата, ама на мигови ѝ се чинеше како да го слуша и своето име! Хммм, дали можеби дрвјата си шепотеа нешто како: Еве ја Калина, малата планинарка! Оди накај врвот! Да, таа секако ќе стигне до врвот на планината!
Ете така, Калина си замисли дека шумата шепоти за неа и тоа ѝ внесе дополнителен полет да посака побрзо да стигне до врвот.
Но, што друго имаше во шумата?! Па шумски животни, се разбира! Прво, Калина и мајка ѝ се запознаа со кафеава верверичка, која ги набљудуваше од гранките на еден висок бор. Потоа патеката пред нив ја мина сиво зајаче, кое брзо-брзо се скри во грмушките. А најголемото изненадување, секако, следуваше кога Калина и мајка ѝ дојдоа до шумскиот поток. А таму, покрај потокот, стоеше нежна срничка, која плашливо наслушнуваше. Калина и мајка ѝ запреа и тивко ја гледаа додека пиеше од бистрата, студена вода. А потоа, како сонот да заврши, срничката го крена главчето, мрдна со ушињата и во еден скок – исчезна во сенките на шумата! Колку беше волшебна оваа неочекувана средба!
Чекор по чекор, Калина и мајка ѝ се приближија до врвот. Излегоа од шумата и пред нив се отвори прекрасно пространство: сиви карпи, сино небо, бели, меки облаци.
Всушност, ова беше најтешкиот дел од патеката. Калина не сакаше да се жали, но веќе чувствуваше дека е многу изморена и дека ја болат нозете. И токму во моментот кога помислуваше да каже: „Не можам повеќе“, се случија неколку работи, исто толку неочекувани како средбата со срната!
Прво, мајка ѝ рече: „Калина, види, еве уште неколку пријателки.“ Калина се заврти очекувајќи да види планинарки, кога – на карпите здогледа неколку диви кози! Леле, каква интересна глетка!
А втората работа се случи веднаш потоа! Калина во непосредна близина, меѓу карпите, здогледа нешто… некаква… куќичка?!
„А ете го и планинарскиот дом“, весело рече мајка ѝ.
„Планинарскиот дом?“ зачудено праша Калина.
„Токму така, планинарскиот дом на врвот на планината. Тука ќе се одмориме пред да тргнеме назад“, рече мајка ѝ.
„Врвот? Дојдовме до врвот?“ се возбуди Калина.
„Да, мила! Браво за тебе! Ова е твојот прв врв, но не и последен“, гордо рече мајка ѝ.
„Врвот, го освоивме врвот!“ скокаше од радост Калина, а мајка ѝ силно ја прегрна.
„Мамо“, рече задоволно изморената Калина додека седеше во планинарскиот дом и со сласт ги јадеше сендвичињата, „дали сега сум вистинска планинарка?“
„Да мила моја, ти си вистинска планинарка“, одговори мајка ѝ, а Калина со шепот си повтори: „Вистинска планинарка!“
Илустрација: Катерина Николовска