И тоа се случи! Помина една година откако се вселивме во „Чудна шума“. Всушност, поминаа две години откако на нашата малечка фирма за фотографија и дизајн решивме да ѝ додадеме уште една занимација – издаваштвото, но мина точно една година откако, со Кире Галевски (кој го смисли името) и Зоран Кардула (кој го направи логото и визуелниот идентитет), ја најавивме „Чудна шума“ и нејзините први изданија.
Името „Чудна шума“ не е случајно избрано. Тоа во себе ја обединува љубовта кон книжевноста, кон децата, кон животните и кон природата. Идејата: да се соберат на едно место ретки ѕверки кои би пишувале ретко добра книжевност за деца (но, и за возрасни), како и илустраторски ѕверки кои би цртале со иста таква жар – за да одговорат на ретките, пребирливи апетити на денешните деца. Оти, и возрасните и децата денеска живеат во некои нивни чудни шуми во кои е тешко да се продре. Ако не ја знаеш вистинската магија што прави трњето да се тргне настрана и да ја разоткрие шумската патека, бадијала: нема да успееш да им влезеш во срцата.
Што се случуваше во Чудна шума во минатата година? Израснаа седум убави книги, три за возрасни и четири за деца. Посадивме уште толку и чекаме да никнат наесен, оти во Чудната шума и тоа бива – дрвја (упс, книги) никнуваат и во есен и во зима. Три од нашите изданија влегоа во најтесен избор за најзначајните книжевни награди во Македонија:
– илустрираниот роман за деца „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ влезе во најтесен избор за наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади за 2019 година, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија
– романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ влезе во најтесен избор за наградата Роман на годината за 2019 година, награда која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“
– стихозбирката „На погрешната страна“ влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на годинешните Струшки вечери на поезијата
Имавме промоции, работилници за деца, креативни предизвици, цртавме, боевме, читавме, рецитиравме…
Но сепак, нашето најмило фиданче е е-списанието „Чудна шума“ кое успеа за неверојатно кратко време да собере на едно место доволно ретки ѕверки за да го привлече вниманието на децата затворени во своите сопствени чудни шуми.
Песни и раскази пишуваа: Владимир Лукаш, Румена Бужаровска, Ана Голејшка Џикова, Ванчо Полазаревски, Петар Андоновски, Николина Андова Шопова, Владимир Мартиновски, Калина Малеска, Славе Ѓорго Димоски, Тања Аждаја, Мерсиха Исмајлоска, Долорес Атанасова Лори, Снежана Стојчевска, Лидија Димковска, Живко Грозданоски, Александра Симова, Марта Чупевска, српскиот писател Зоран Пеневски и многу други. Илустрираа: Владимир Лукаш, Јана Јакимовска, Катерина Николовска, Наталиа Лукомска, Ване Костуранов, Наташа Костовска, Алексеј Костовски, Тања Вукобрат, Сања Симоска, Ирина Атанаскова – Ина, Љубиша Камењаров, Иван Ивановски, Зоран Кардула… Благодарение на Марија Каева и Тони Стевковски направивме и први аудио-верзии на некои од песните и расказите на Чудна шума. Им благодариме од срце што ни ги разубавија и ни ги осветлија оние мрачни денови од 2020 година, кои, се надеваме, нема да се повторат.
Продолжуваме и понатаму со е-списанието, со нови, надополнети и малку изменети содржини, продолжуваме да садиме нови фиданки, и ви благодариме и вам, на нашите читатели, за безрезервната поддршка.
Билјана Црвенковска, главен уредник
