Песни, Списание „Чудна шума“
Напиши коментар

Кратка поема за страшната наезда на зелените вошки

(поточно, за тоа како успеавме да се спасиме од нив)


од Живко Грозданоски

1. Страшни вести во нашата мирна шума
 
Едно утро рано, во наш’та шума мала
слушам некој креска вреска – баш ко 100 клавичембàла!
Правам салто, мијам заби, над чело ставам шака,
кога гледам – Грачко гавранот од една гранка грака:
 
„ВО ШУМАТА ЧУМА! ВО ШУМАТА ЧУМА!
ЛУДАТА КРАВА ЌЕ НИ ДОНЕСЕ ВО ШУМАТА ЧУМА!“
 
Се збравме ние ѕверките ко во руската Дума:
Мечката молчи, Зајакот зјапа, Читата и Чавките се чудат – 
„Каква чума в шума, Грачко, каква крава луда?“
 
А Грачко сал нè гледа, блеска ко Андромеда:
„Од дедо Марко кравата, тесен ѝ станал друмот,
се штракнала од умот, ја клоцнала бравата.
И, ни А, ни Б, туку О! – Отишла на море!
И тоа на кое море? На Баренцово, горе!
Фрлала таму ѓубре со некои кокòшки,
се вратила назад – со зелени вошки!
 
„СО ЗЕЛЕНИ ВОШКИ?!“ – премревме ние в час:
„Леле, тешко нас! Леле, тешко нас!“
 
Тогаш кон мене се сврте мојата пријателка пума,
омилената пациентка во целата шума:
 
„Драг мој дабаре, докторе забаре,
жими сите ѕверки шумски, во мојов живот пумски
сум преживеала и козји заушки, и стапици за елени,
и две-три зоолошки... но не и вошки зелени.“

 
2. Зошто се толку страшни зелените вошки?
 
Вака: ако те касне вошка зелена, 
косата ти е скроз побелена
за недела до две, ретко за три.
Зошто? Од сонување лоши сни.
Штом те касне зелена вошка,
било в поле, било во зоолошка,
не те чеша ништо, ни рог ни бут
(и не е важно дал’ си маче, прасе или ут),
но затоа па не можеш око да склопиш,
а штом ќе склопиш, од страв ќе се стопиш.
Зошто? Оти сонуваш кошмари грди:
кози кардиолози, вулкан што прди,
крокодили со машни, мајмуни со ташни,
разбојници друмски, пожари шумски,
селидби и суши, пингвин што пуши,
непланска сеча без потпис и печат,
реки затруени, стоногалки собуени,
гуми запалени, деца разгалени,
поплави од целофан, бура во Казахстан,
планини од мувла, минирани дувла,
’рѓосани боски, полуострови од коски,
мравки со митралези, змии со протези,
земјотреси, депонии и империјалистички колонии
овци што не знаат да речат „бее!“,
и што ли уште нее, и што ли уште нее!...
 
Затоа и обичните вошки се какаат в пелени,
штом чујат за братучедите, вошките зелени:
оти ситни се ко трошки, ама ич не се еколошки.
А од кошмарите грди – потоа и носот ти смрди.

 
3. Стратегии за спас од зелените вошки
 
Вошките идат! Вошките идат! Тие што ќе ги видат без сон ќе бидат!
Од страв побледени, победени, заледени
се тресевме ние ѕверките: „ги обравме пиперките...“
Но тука како штука, како музичар на бис,
пред нас скокна господинот рис:
„Ама нели сме ѕверки? Какво берење пипèрки?!
Ќе засукаме крзна и ќе преземеме мерки!
 
Ежот прв да каже нешто сака: „Да ги фатиме на цака, на цака!“
Ама каква цака? Зелените вошки не се фаќаат туку-така!
„Да им кажеме некоја гачка“, вели комшиката страчка,
„нека одат во Бангладеш, во Дака, а ние – без мака.“ 
Ама зелените вошки не се лажат туку-така!
„A да им кажеме дека нема работа? Дека се вишок технолошки?“
Ама не се толку глупави зелените вошки...
 
Уште по нешто ни текна, па муабетот секна,
па нè фати трема: решение нема...
 
Но тогаш дивото куче динго и розовото фламинго
уста и клун отворија и дружно проговорија: 
ова е вонредна ситуација. Ни треба шумска делегација – 
сплав да направиме, в река да го ставиме,
сидрото да го дигнеме, па в село штом стигнеме,
да го побараме дедо Марко. Да, тој стар е, ама сигурно знае чаре.
Башка, негова е таа крава луда, што носи чуми, вошки, чуда.
 
„Така е! Браво! Имате право!“ го баталивме стравот ние ѕверките.
„Друг нека оди да ги бере пиперките!“ „Мечка страв, мене сплав!“


4. Мудроштињето на дедо Марко
 
Дедо Марко, дедо Марко, кажувај спас
оти зелените вошки ќе нè сотрат нас!
 
А дедо Марко си грицка праз и мудрува на глас:
 
„Три пати сечи, потоа мери! Прво печи, потоа ждери!
Пери-носи, молчи-толчи, тури-потпечи, трчи-лажи!
Мажи по плажи, трикотажи по гаражи!
Кој ниско паѓа, високо гаѓа! Слепа кучка брзи кучиња раѓа!
Баба лаже, трап суши! Државни субвенции за скапани круши!
Брат за брат, овошките за зоолошките!“
 
Но, дедо Марко, чекај, што има тоа врска со вошките?
 
„Кратка коса, краток ум, што на ум, то на друм!
Фрли рипче – фати стапче, фрли крапче – фати штабче!
Златен збор – железни зандани, дрвена глава – горда става!
Мажот пијаница – жената маченица, до Солуна сто сомуна
и една лубеница! Ако си мома, седи си дома,
пери ги влошките и паси ги потполошките!
 
Но, дедо Марко, аман, што да правиме со вошките?!
 
„Гладна квачка просо сонува, гладна вошка – нема сон!
Нема правда – нема мир, длабок ум – плиток вир!
Ѓаволот ни ора ни копа, а попот глупости тропа!
Два камења лути мелат и брашно и заби,
подигаат тарàби, мешаат баби и жаби!
Сабји се ројат, опашки свиткани стојат!“
 
Ништо дедо Марко, ти си бил бетер и од кравата твоја...
Изгледа чаре ќе мора да бараме самите ние
ако сакаме секој од нас мирно да спие.

 
5. Како штркот ја спаси нашата шума
 
Од дедо Марко разочарани,
се враќавме ќутејќи, ќе речеш скарани,
но скоро стигнати веќе, кај малото теќе
од малечката црква камбаната ѕвекна,
и Штркот се шекна – „Ми текна, ми текна!“
 
Се штрекнавме сите штркот штом штракна,
но веднаш од бршленот се јави стршенот:
„Штрку, што туку штрчиш?“ 
„Стршену, немој да брчиш! Ти многу се прчиш,
јас сум бил отаде граница, сум пиел од таа водата,
сум јал и пирòшки и вошки, сум ја вкусил слободата!
Затоа дај намали зуј, и што ќе речам чуј:
кравата фрлала ѓубре со некои кокòшки
и се вратила назад со зелени вошки. Така? Така.
Е, ама вошките не се од кокошките!
Ѓубрето, отпадоците, расфрланиот лом, 
за зелените вошки се единствен дом!
Ако сакаме од зелените вошки да се спасиме
од ѓубрето во шумата мора да се отарасиме!“
 
Се задумавме ние ѕверките, а потоа – трк! –
како што штракна шеретиот штрк,
се наоружавме со кеси, ракавици и маски
понесовме ужинки од краставици и праски
и без да пребираме, зедовме ѓубре да збираме.
 
И собравме: купишта кеси, фустани со реси
кесички од бонбони и смоки – со тони,
цртежи згрешени, крстозбори недорешени,
кеси и шишиња празни, опаковки разни
туѓи пари и весници стари, со вести бомбастични 
и уште кеси пластични! 
Па ормари и шифоњери, пегли и виклéри, 
расклатени столчиња, фудбал на мали голчиња, 
балони пукнати, шасии потчукнати, 
газирани сокови со истечени рокови...
Секакви отпадоци (дури и рима со „ќе“!)
и што ли уште не, што ли уште не...
 
Така, драги мои, штом од ѓубрето се отарасивме, 
ние ѕверките од шумата од чумата се спасивме.
Пет години минаа, и еве, жими вас: 
од зелените вошки ни трага ни глас.
Сега за шумата да е чиста се грижиме и стари и млади,
и затоа сонуваме само чоколади.

Илустрација: Наталиа Лукомска


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s