од Долорес Атанасова – Лори
Еве вака, како вечерва со полна месечина, Исидора и Андреј лежеа на големата трамбулина во дворот на баба им и дедо им. Исидора беше големата сестра, Андреј беше малиот брат, и двајцата живееја во војна и мир. Деновите ги поминуваа во бркање и бегање еден од друг. Навечер потпишуваа примирје оти двајцата се плашеа да спијат сами; ѕидовите се полнеа со сенки од дрвјата на ветрот и изгледаа како чудовишта што доаѓаа да живеат во нивната соба.

Но, да се вратиме на ноќта како оваа, со полна месечина; Исидора и Андреј лежеа на големата трамбулина во дворот на баба им и дедо им и гледаа во небото полно ѕвезди што трепкаа и тивко се движеа по ноќното небо. Исидора ја забележа сивата светлина на месечината како се појавува од зад планината. Го потчукна Андреј по рамото:
– Види ја, види ја месечинана! Уау! Колкава е!
Андреј, кој не престануваше да се мрда те лево те десно, не ѝ обрна внимание.
Исидора, на која ѝ се лошеше од брановидното движење на трамбулината од мрдањето на Андреј, подвикна:
– Престани да преташ, ко црви да имаш…
Андреј се смири и се загледа во месечината, која со својата полна големина се тркалаше по грбот од планината. Исидора и Андреј можеа да се заколнат дека се слушаше како планината крцка под тежината на месечината.
А месечината, месечината отмено и елегантно отскокна од грбот на планината и се нурна во небото полно ѕвезди. Нејзиното мазно лице и сива светлина ја засенуваа убавината на другите небесни тела.
Исидора и Андреј, обземени од убавината на Мадам Месечина, не ни забелeжаа како едно мало, растегнато, црно облаче ѝ се доближува на Мадам Месечина и застанува точно пред неа. Мадам Месечина изгледаше како да ѝ пораснале мустаќи.
Исидора и Андреј можеа да се заколнат дека ги слушаат ѕвездите како се кикотат.
Илустрација: Em Ellephantski