
На 7-ми декември 2020, со онлајн читање на извадок од романот „Ен од Зелената фарма“ на Луси Мод Монтгомери, книгата според која е снимена и популарната серија на Нетфликс „Ен со Е“ (Anne with an E), започнува настанот „Зима во Чудна шума“.
Читањето ќе се одвива во живо на фејсбук страницата на Чудна шума, во 19:00 часот.
Настанот е поддржан од Дом на културата „Кочо Рацин“ – Скопје и Град Скопје.
Единаесетгодишната Ен Ширли никогаш немала вистински дом. По смртта на нејзините родители, постојано ја шетаат во разни згрижувачки домови и сиропиталишта. Кога по грешка ќе ја испратат да живее со Метју и Марила Катберт на големата Зелена фарма, сака засекогаш да остане таму. Но, Ен не е јадрото момче кое го очекуваа Метју и Марила.Таа е палаво, зборлесто црвенокосо девојче со жесток темперамент, кое постојано запаѓа од една неволја во друга.
Катбертови се согласни дека Ен е сосема поразлична од сите; таа е посебна, девојче со бујна фантазија. Сè што сакала во животот е да припаѓа некаде. И колку подолго останува на Зелената фарма, толку им е потешко на сите да си го замислат животот без неа.
Луси Мод Монтгомери, жената која милиони читатели ширум светот ја знаат како авторката која ја создаде Ен Ширли од „Ен од Зелената фарма“ (“Anne of Green Gables”), е родена на 30-ти ноември 1874 година на Островот на Принц Едвард, Канада. Монтгомери уште како мало девојче имала една пасија – пишувањето!
Но и кога пораснала и станала учителка, таа продолжила да пишува и да пишува… па на триесет годишна возраст имала објавено преку сто кратки приказни, во повеќе магазини и дневни весници.
Иако нејзините најпознати дела се романите од серијалот за Ен Ширли, за време на својот живот Монтгомери напишала 22 романи, 500 кратки раскази и песни, како и мемоари. Благодарејќи на прекрасните дела на Монтгомери, Островот на Принц Едвард е една од најпосетуваните туристички дестинации во Канада.
Повеќе за романот можете да дознаете тука.