Дијана од планетата Зана, Еко-приказни, Раскази, Списание „Чудна шума“
Напиши коментар

Дијана од планетата Зана (2)

од Билјана С. Црвенковска


Продолжение на „Дијана од планетата Зана (1)


Чу-чу-чуфффф! Чу-чу-чуффффф!

…се слушна едно чуФкање.  

Што е тоа? Дали е Чу или, можеби, Смарагдниот воз. 

Не, тоа не беше Чу. Не беше ни Смарагдниот воз. Но, што правеше Чу-чу-чуффф!? Сега ќе ви кажам…

Дијана тешко се пробиваше низ џунглата. Долги лијани висеа од илјадалетните дрвја. Во близина жубореше студената Смарагдна Река.

Како? Станува здодевно? 

Во ред, тогаш вака: Дијана завлезе во џунглата и виде од каде доаѓа звукот! Тоа беше еден мал, а тортами и расипан вселенски брод! Уау! А неговиот мал пилот седеше на едно паднато дрво и размислуваше… Всушност, не размислуваше, туку љубопитно го гледаше Чу, кој стоеше пред него и исто толку љубопитно го гледаше малиот пилот кој седеше и гледаше во Чу кој…

– Сладоледоста! Кремстани! – нервозно зашишти зеленокосата немирка и тупна со ножето по влажната земја. А потоа се сврти кон момчето со модросина коса и го праша: – Кој си ти, од каде доаѓаш, што е ова (покажа на вселенскиот брод) и што правиш со Чу?

– Што е Чу? – праша зачудено момчето, кое воопшто не се збуни од присуството на малата палавка. 

– Ова е Чу! Моето милениче! – луто му го посочи таа гуштеромачето што го клатеше главчето, ги гледаше и предеше.

– Ова е мојот вселенски брод – мирно одговори момчето на второто прашање одназад. 

– Вселенски броооод!? – викна Дијана.

– Мхм, Трина. Така се вика – одговори момчето.

– Тортастрофа! – налутено писна Дијана и со плачење избега во густежот. 

Што се случи? Зошто избега? И зошто плачеше?

Тоа не му беше јасно ниту на синото момче ниту мене…

Како? Оооох, па да, заборавив да ви го раскажам најважното. 

Која сум јас, се разбира. 

Јас де, Шу, раскажувачката. 

Дијана нагалено ме вика Шу, а инаку моето име е – Шушумилка Шареноперка Шеста. Птица од родот царски рубинсмарагдни птици. И секако, умеам да зборувам. Знам сè за Дијана од планетата Зана, за нејзиното гуштеромаче Чу, за нејзиниот бумборд, за двете сонца и деветте месечини, за вселенските бродови и…

– Тортастрофаааа! – плачеше Дијана додека се пробиваше низ џунглата, а по неа трчавме јас, Бумби, Чу и синото момче, кое, очигледно, беше најзбунето од сите. 

Најпрвин, не му беше јасно зошто таа плаче. Потоа, не сфаќаше од каде никнуваат сите оние момини солзи. И како трето, се прашуваше и зошто одеднаш почна да врне. 

Погодувате, нели? Почна да врне затоа што Дијана плачеше!

А во џунглата… во џунглата папратите ги подаваа своите рачиња радувајќи му се на дождот, а по дрвјата расцутуваа прекрасни цветови во најубавите бои. 

Јас, Бумби, Чу и момчето со модросина коса ја најдовме Дијана, насолзена и скриена под џиновските лисја на едно Сук-Ток дрво. 

– Зошто плачеш? – ја праша смирено момчето.

– Ухуу бухууу, затоа што мислев дека сум единствена што има вселенски брод, шмрц, шмрц – шмркаше со носот разгалената палавка. – И единствена што има вселенски брод со ИМЕ. Мојот се вика Персеус. Ама ете… не сум била… единствена, шмрц, шмрц…

– О, но ти си единствена на планетата Зана! Јас не сум од овде, хи, хи – се закикоти момченцето. 

Дијана ги ококори големите зелени очи. Го гледаше и подголтнуваше. 

– Јас сум Тим од планетата Тургана. Од расата аквамагови.

– То-тоа е па-палачинкастично! – пропелтечи Дијана. – Јас сум Дијана, хербоцелителка. 

Дијана го гледаше Тим со нескриено воодушевување. Па тој беше вселенски патник!

Ох, нејзината најголема желба беше да отпатува на друга планета, но, иако имаше вселенски брод, тоа сè уште не ѝ беше дозволено. Барем, додека не наполни седум годи… 

– АУУУУУУУУУУ! ААААААААА! – во исто време вреснавме јас (Шу) и Дијана.

Па како можевме да ја заборавиме НАЈВАЖНАТА РАБОТА на целата планета Зана, а и пошироко – во целиот мултиверзум! Која? 

Чококакао, од мене чао, а за најважната работа ќе дознаете во… следната приказна!

Псссст! Сладокчај, крај крај крај…


Наскоро: „Дијана од планетата Зана (3)


Илустрација: Здравко Гиров


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s