од Александра Симова
Како ли животните Одат на глава? Како ли птиците Летаат во слава? Зошто е сонцето долу, А земјата горе? Како расте дрвото Со гранките од море? Вакви мисли тешки Го мачеа еднаш Малото лилјаче Застанато на бездна. Со малите канџи Цврсто ја зграпчил Карпата студена И за работ се фатил. Кој е наопаку? Јас или тие? Никако да дознам Како да спијам? Се мисли така Лилјачето мало А кутрото, уморно За сон душа дало. Го совлада умор И тешка мисла Заспа лилјачко Опушти крилjа. И на сон лета Крај сонцето златно Со сите други птици Си лета во јато Одеднаш – трес! Што е ова? Кај сум? Падна на земја И остана простум. Писнаа во смев лилјаците – чесни старци: Како вака, малечок? Од лилјаци си, или од врапци? Па што ако паднав! Зар е тоа за смеа? Можеби сум птица и ќе дремам под стреа! Оставете ме на мира Висам, летам со стас Зарем мора и јас Да сум ист како вас? Таа нека лета на глава На нозе нека си виси тој Пливајте и на меше, дури - по свое да живее секој.
Илустрации: Вања Штркова