Нежна истост на една различност

Хируршки прецизен и компактен е овој производ на нашата фантастично плодна, писателка Билјана Црвенковска, сликовницата „Кучето што мјаукаше и мачето што џавкаше“.
Реалноста на една болна различност нежно и мошне впечатливо Црвенковска, заедно со прекрасниот цртеж на уметницата Сања Симовска, ја води кон нејзино разрешување – пријателство и другарување на мачето Мони, кутрето Бо (тие најпривлечни миленичиња за најмладите) и девојчето Ема, кои поради својата различност од своите блиски доживуваат непријатни моменти и се принудени да го напуштат своето опкружување.
Убеден сум дека нивното џавкање и мјаукање преку ова сликовница далеку ќе се чуе и со својата едноставна максимална позитивност ќе се врежи во свеста на најмладиот, но и најкревкиот наш читател.
Приказната уште во самиот почеток е ослободена од баналност и од стапицата да биде патетична и поучна на еден професорски начин, што само по себе укажува на нејзината целосна и детална осмисленост.
„Кучето што мјаукаше и мачето што џавкаше“ е уште една шармантна приказна која ќе ги збогати библиотеките на нашите најмлади читатели.
Вакви сликовници, особено со, повторно ќе укажам, оригиналност, едноставност, шарм, минуциозност и ниту еден збор кој може да ја оптовари приказната како вишок, навистина ретко излегуваат кај нас, како производ на домашен писател, што уште повеќе ја збогатува нејзината вредност.
Ванчо Полазаревски