Новости, Читална
Напиши коментар

„Тешко е да не ме сакаш“ – извадок

Авторка: Јасминка Петровиќ Илустрации: Ана Петровиќ

Кога ја нема Нина животот е празен како чиниче без топчиња во него. Барем да е отворен прозорецот па да лаам по минувачите. Ама не е.

Влечки! Добра идеја! Кинењето на влечките секогаш доаѓа добро. Хм, но во ходникот нема ниту една единствена влечка! Сигурно мама Пиришиќ ги пикнала во шкафчето. Таа само чисти нешто, пере и раскрева низ дома.

Вратата од бањата е затворена, значи не можам ни тоалетната хартија да ја развлекувам по собите. Гррррррр!

Саламата е во фрижидерот… Чорапите во фиоката… Перниците веќе се скриени некаде… И што да правам? Што?

Ах, колку е досадно! Барем да можев да го глодам далечинскиот управувач, ама тато Пиришиќ го чува во автомобилот. Вели дека тоа е најсигурното место каде што Напаста нема да може да го најде. Напаст, тоа сум јас. Единствено тој ме вика така, за сите други сум Крцко. Тато Пиришиќ е посебен во сè.

Топчето! Каде ми е топчето? Под масата во кујната? Не е. На фотелјата? Не е. Во кутијата со алат? Го нема. Сигурно е во собата на Нина… Во џебот од пижамата? Не. Зад вратата? Не. Под креветот? Хм, што е ова? Некакво списание… Па, тоа е поинтересно од топчето. И тоа сто пати. Илјада пати.

Јухууу! Го држам списанието во заби и трчам низ куќата. Па, ова е лудо! Ама секогаш може да биде уште полудо! Тресам лево-десно со главата и страниците летаат низ целата соба. Во устата ми остана само уште насловната страница. Ако сакам, можам да ја скинам. А сакам. Зошто да не сакам? Го држам едниот крај со шепата, а со забите го кинам другиот. Ова може да биде и поситно… И уште поситно… Ја претворам насловната страница во конфети! Во милион конфети. Браво за мене! Има ли нешто поубаво од конфети на тепихот? Има, а тоа е кога се прпелаш по тепих со конфети.

Дали слушам клуч како се врти во бравата? Да, слушам. Нина! Тоа е Нина!

„Дојди! Ајде!“ ја влечам за врвцата. „Ајде! Побрзај! Имам изненадување. Големо изненадување!“

Таа го остава ранецот на подот и поаѓа по мене.

„Нина, види, конфети! Два милиона конфети те чекаат да се прпелаш по нив! Лудо! Сосема лудо! Ајде! Поаѓај! Еве вака! Легнуваш на тепихот и се превртуваш. Малку на оваа страна… Потоа малку на другава страна… Нина, ако повеќе ти се допаѓа да скокаш по конфетите, можеш и тоа. Еве вака! А не е лошо ни кога трчаш, тогаш конфетите летаат околу тебе. Јухуууу! Трчањето сепак е најдобро.“

Нина стои. Не сака да си игра. Без врска. Се мурти. Сега дури и вика. Лута е. Ми мавта со прстот пред муцката. Тоа е баш без врска. Што ли сака да ми каже? Ништо не разбирам. А можеби ѝ е криво што на тепихот има само два милиона конфети. За прпелање се потребни барем четири милиони. И има право. Сосема има право! Згрешив.

„Списанието ми го донесе тато од Германија, кај нас го нема да се купи. Во него се прикажани змиите од целиот свет. Мене ме интересираат змии… А ти, ти ми уништи сè! Сè!“ вика Нина.

Кој нормален сака змии? Мене ни црвите не ми се допаѓаат, а камоли змиите. Се муртам и ја спуштам опашката. Како некому може да му се допаѓа тоа студено, ползечко животно, кое личи на каиш за панталони? Како? Навистина не ми е јасно!

Нина ги собира преостанатите страници од списанието. Се преместувам од нога на нога и мрдам со мустаќите. Хм, значи таа повеќе ги сака овие влекачи од мене! Ужас! Како е можно тоа? Змиите се грди. Немаат нозе. Немаат уши. Немаат влакна. Не лаат. И она најстрашното, опасни се. Можат да те отрујат, да те удават, да те проголтаат…

„За змиите владеат многубројни предрасуди, дека се грди, опасни, лоши… Не е сè баш така!“

Што е ова? Нина ми ги чита мислите.

„Ав-ав-ав“, се бунтувам. Воопшто не се согласувам со неа, но таа си тера по свое. Нејзе ич не ѝ е гајле за моето мислење.

„Во светот повеќе луѓе умираат од удар на гром, одошто од каснување од змија. Ако ја сретнеш во природата, само треба да бидеш мирен, да не правиш нагли движења, и таа ќе си замине.“

А, не, благодарам! Доволно е што болвите ми скокаат по грбот, влекачите не ми се потребни. Ако ги сака толку многу, можат да ѝ шетаат и по главата. Ич не ми е гајле. Кога би требало да одберам меѓу змијата и себе, јас без размислување би се одбрал себеси. Нормална работа! Како прво, поубав сум, а како второ имам мустаќи.

Нина седнува на подот и почнува да плаче. Што е сега ова? Се чувствувам сè поглупаво. Можеби сепак не требаше да ѝ го фаќам списанието. Ама ми беше досадно. Ќе ме заклучи, ќе отиде во училиште и ја нема со часови. Плус секое попладне оди на балет.

Ја наведнувам главата и кришум ја гледам. Ја гледам и што да видам? Здогледувам како низ косата ѝ ѕиркаат ушите.

„Опа! Какво задоволство!“ џавкам и вртам со опашката.

Ако има на светов нешто што сакам да го правам, тогаш тоа е грицкањето уши. Особено нејзините уши. Со предните шепи ѝ скокам на рамената и тргнувам во акција. Ушите ѝ се меки како кифла! Скокам и малку го грицкам едното, па малку другото уво.

Се прпеламе по подот. Нина се смее. Сега можам да здивнам. Сепак, повеќе ме сака мене одошто змиите. Два милиона конфети летаат околу нас.

„Јухууу!“ ја кревам главата и лаам. „Да живеам јас! Да живее Нина! Да живее животот!“


Превод од српски: Билјана Црвенковска


Повеќе за книгата ТУКА

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s