Во четврток, на 28 октомври, со почеток во 17 часот, во НУ – У Библиотека „Гоце Делчев“ – Штип се одржа есенски саем на книги на Чудна шума (со изданија за деца, за млади и за возрасни), неколку промоции на книги и креативна работилница за деца „Децата и планините“.
Промоциите на книгите вклучуваа: централна промоција на сликовницата „Тигар на улица“ на авторките Билјана С. Црвенковска и Катерина Николовска, читачка промоција на илустрираниот роман „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ на Билјана С. Црвенковска и илустраторката Нита Муча, како и разговор за сликовницата „Ута од планините“ на Тефта Кељменди, со илустрации на Катерина Николовска.
Гости на настанот беа авторката Билјана С. Црвенковска и илустраторката Катерина Николовска.
Инспирирана од познатата песна на Данил Хармс, „Тигар на улица“, оваа сликовница раскажува своја сопствена приказна низ слики: приказна за храброста, за силата да се спротивставиме, да се избориме и да го пронајдеме и разбудиме тигарот што спие длабоко во секој од нас.
Книгата не користи многу зборови (освен песната на Данил Хармс), но дополнително се ставени интерактивни упатства, со цел да го внесат детето-читател внатре во приказната и да му помогнат полесно да се идентификува со главниот лик.„Тигар на улица“ доби награда на овогодинешниот саем на книга – второ место за најкреативно издание меѓу два саеми на книга, признание кое го доделува Македонската асоцијација на издавачи.
Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка, преведувачка, сонувачка (или мечтателка, како милувате), вљубеничка во природата, планините, животните и облаците, и – вечно дете. Освен што постојано сонува со отворени очи, Билјана не престанува да пишува… и да пишува… и да пишува. Има напишано многу книги и сценарија за серии за деца, но и за возрасни. За нејзините книги добила или била номинирана за бројни награди, меѓу кои и наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија, а влезе и во селекцијата на 200 најдобри книги од целиот свет „Бели Гаврани“ (White Ravens) за 2020 година со книгата „Бајки од Македонија за цела година“. Живее на релација Скопје – Охрид – Земјата на соништата, а најдобар другар ѝ е мачорот Макс.
Катерина Николовска е наградувана илустраторка и графичка дизајнерка. Има илустрирано многу списанија, сликовници, стрипови, збирки со приказни и стихозбирки, корици за книги за деца, корици за прозни изданија, постери итн. Има учествувано во повеќе уметнички проекти и во неколку групни изложби. За нејзините книги има добиено повеќе награди, а влезе и во селекцијата на 200 најдобри книги од целиот свет „Бели Гаврани“ (White Ravens) за 2020 година со книгата „Бајки од Македонија за цела година“.
Во рамки на настант се одржа креативна работилница за деца „Децата и планините“ (по креативно пишување и цртање). Се читаа делови од едукативната брошура „Децата и планините“ (која заедно со сликовницата „Ута од планините“ е дел од поглем проект насловен „Децата и планините“), а се разговараше за планините и што значи честото одење во планина од секој можен аспект (за здравјето и физичката активност, за запознавањето со природата и флората и фауната на планините итн.)
Активности на работилницaтa беа: пишување расказ или песна, создавање ликовно дело во техника по избор, креирање стрип, спојување на сите креации во една мала завршна изложба на планински трудови.
Галерија на фотографии од настанот: