
Романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ деновиве го доживува своето прво издание на друг јазик, во Украина. Преводот на украински е на Ана Багрјана (Анна Багряна), украинска писателка, поетеса и преведувачка, а романот е објавен од страна на издавачката куќа Тврдина (ПВД Твердиня).
„Девет приказни за госпоѓица Сит“ е првиот роман за возрасни на Билјана С. Црвенковска, којшто беше и финалист за наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 година.
Како што пишува писателката и рецензентка Калина Малеска, „Девет приказни за госпоѓица Сит“ е „обмислен и внимателно структуриран роман. Функционира и како збирка раскази и како роман составен од една основна приказна-рамка што содржи девет други приказни, низ кои се провлекуваат неколку заеднички лајтмотиви. Тивкото чекорење на мачката – вистинска, замислена, симболична – но и нејзините ненадејни појавувања ги врзуваат во цврста композиција нишките од наративните месечеви мени и фуги. Во расказите се прикажани ситуации во кои сите протагонистки се наоѓаат на некаков крстопат, ситуација во која мора да донесат тешка одлука.“
Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка, уредничка и преведувачка. Дипломирала на институтот по филозофија на Филозофскиот факултет при УКИМ, а магистрирала на тема од областа на семиотиката и филозофијата на јазикот.
Црвенковска пишува за деца и за возрасни и има објавено голем број романи, сликовници, песни и раскази. Авторка е и на сценарија за неколку серии за деца и млади, како „Светот на Биби“ и „Зоки Поки“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Има освоено повеќе книжевни награди и признанија, меѓу кои и наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади во 2020 година, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. И двата нејзини романи за возрасни – „Девет приказни за госпоѓица Сит“ (2019) и „Куќа над брановите“ (2020) влегоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“.