„Дресираните го возвраќаат ударот“ е втор дел од успешната приказна наречена „Како ги дресираме мама и тато“ – одлична духовита книга на Владимир Петрушевски (во коавторство со илустраторката Наташа Костовска), наменета за… родители (но и за деца).
Книгата е продолжение на „Како ги дресираме мама и тато“, која веднаш по објавувањето доживеа значаен успех и кај критиката и кај читателите. Станува збор за кратки цртички кои се случки или дијалози со седумгодишните ќерки близначки на авторот.
Иако текстот наликува на дневнички записи, со точни датуми кога што се случило, книгата ниту оддалеку не е дневник на таткото, ниту пак лирски излив (кој лесно може да премине во патетика). Напротив. Иако во книгата, од секој збор, јасна е љубовта кон децата, одбирот на темите, стилот на пишувањето, начинот на разговор на родителите со децата, конечно, односот родители-деца, јасно ни покажува дека авторот своите потомци ги смета за еднакви, и, пред сè, интелигентни членови на семејството. Претераниот и напразен патернализам, како и познатото „ајде, дете е“ нема да го најдете во книгава. Но, затоа ќе најдете мудар, сериозен и обмислен пристап кон детските палавштини, кон нивната љубопитност и кон ставот за тоа како треба да се гради свеста на детето и да се воспитува. И се разбира, како треба да се почитува демократичноста. Затоа книгава слободно може да се нарече своевиден прирачник, не само за воспитување, туку за градење на цврсти и јаки личности од нашите деца.

ДРЕСИРАНИТЕ ГО ВОЗВРАЌААТ УДАРОТ – Владимир Петрушевски-Фили
цена: 440 ден.
Онлајн нарачки:
Владимир Петрушевски-Фили – „Дресираните го возвраќаат ударот“
Жанр: кратка проза
Едиција: Родители и деца
Формат: Б5
Број на страници: 84
Повез: мек
ISBN: 978-608-4938-28-6
Година на издавање: 2021