Новости
Напиши коментар

Тадеј Голоб во Скопје

Познатиот писател на крими-романи со промоција во Скопје

На 18 и 19 октомври во Скопје ќе гостува најпродаваниот словенечки писател на крими-романи – Тадеј Голоб, по чии дела се снимени и словенечките хит-серии „Езеро“ и „Ленинов парк“. Романот „Езеро“ го издаде Чудна шума на македонски јазик во 2021 година, додека „Ленинов парк“ – вториот дел од хит-серијалот за инспекторот Тарас Бирса, ќе излезе следната година.

Гостувањето на писателот Тадеј Голоб во Скопје ќе биде одбележано со два настани.

На 18 октомври во 18 часот, во заедничка организација на издавачката куќа Чудна шума и Театар Комедија, ќе се одржи промоцијата на романот „Езеро“ со присуство на авторот Тадеј Голоб во Бистро Комедија. Покрај авторот, на промоцијата ќе присуствува и преведувачот на романот од словенечки на македонски јазик – Дарко Јан Спасов, промотори ќе бидат Александар Маџаровски и Билјана Црвенковска, а извадок од романот ќе прочита актерот Атанас Атанасовски.

Вториот настан – претставување на авторот Тадеј Голоб и на романот „Езеро“, како и средба со читателите, ќе се одржи на 19 октомври 2022 во 19 часот, во заедничка организација на издавачката куќа Чудна шума и Градска библиотека „Браќа Миладиновци“. Настанот ќе  се одржи во просториите на библиотеката – во салата „Т’га за југ“. Разговорот со авторот ќе го водат Александар Маџаровски и Билјана Црвенковска, а извадоци од романот ќе прочита Андреј Серафимовски.

Настаните се поддржани од Јавната агенција за книга на Република Словенија, Креативна Европа и словенечкиот издавач на романите на Тадеј Голоб – издавачката куќа Гога.

Тадеј Голоб, автор на најпродаваната серија криминалистичка фикција што веќе е адаптирана за ТВ и сега се преведува на неколку јазици, е мошне скромна личност. Објавил 2 романи (првиот – „Свински ножиња“ ја доби престижната награда Кресник за најдобар роман), 4 наслови од крими-серијата (петтиот излегува во 2022), роман за млади, плус неколку биографии и други наслови. Освен тоа, Тадеј го освоил највисокиот врв на светот, се искачил по неколку тешки планинарски патеки, и за малку не загинал во несреќа…

Романот „Езеро“ на словенечкиот писател Тадеј Голоб е најпродаваниот крими-роман во Словенија – продадени се повеќе од 25.000 примероци од книгата. Романот влезе и во најтесен избор за престижната награда Кресник за 2017 година, а според него е снимена и истоимената словенечка ТВ-серија, која беше апсолутен хит во Словенија, а улогата на инспекторот Тарас Бирса ја толкува познатиот актер Себастијан Каваца.

Следната година во издание на Чудна шума ќе излезе и вториот роман на Тадеј Голоб од серијалот за инспекторот Тарас Бирса – „Ленинов парк“, по кој е снимена и втората сезона од ТВ-серијата.

„Ја крена главата и погледна кон водата, подмрзната по краевите. Од мразот ѕиркаше нешто бело. Толку бело што во вечерниот самрак изгледаше вештачки, пластично, како рака на кукла од излог.

Кој ли фрлил кукла од излог во река? – помисли.“

Тарас Бирса, виш криминален инспектор од полициската управа во Љубљана, на новогодишната ноќ се враќа од скијање на Вогел. Додека се пробива низ снежната бура накај дома, наидува на една девојка која во реката нашла непрепознатлив труп на млада жена.

Која е жртвата? Кој е убиецот? Дали злосторството го извршил некој лудак или непознатата е жртва на заговор?

Како да се најде сторителот ако не се знае која е жртвата?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s