Тадеј Голоб, автор на најпродавана серија криминалистичка фикција што веќе е адаптирана за ТВ и сега се преведува на неколку јазици, е мошне скромна личност. Објавил 2 романи (првиот ја доби престижната награда Кресник за најдобар роман), 4 наслови од крими-серијата (петтиот излегува во 2022), роман за млади, плус неколку биографии и други наслови. Освен тоа, Тадеј го освоил највисокиот врв на светот, се искачил по неколку тешки планинарски патеки, и за малку не загинал во несреќа… Продолжете со читање за да го запознаете малку поубаво.
„Езеро“, романот кој е преведен на македонски во издание на Чудна шума, и „Ленинов парк“ беа објавени и на англиски јазик од страна на „Дикси Букс“ во Велика Британија.

Некој за пикадо?
1. Зборува ли англиски?
Англискиот се покажал како корисен, особено при неговите планинарски експедиции на Хималаите.
2. Најголемото планинарско достигнување
Вотли Врх, преку рута на северната страна на Лошка Стена (во националниот парк Триглав, Словенија, каде што се наоѓа и Бохињско Езеро). Досега се регистрирани само четири успешни искачувања, од коишто последен е обидот на Тадеј да ја освои вертикалата висока 800 м. во 2005 година.
Иронично, Лошка Стена е и местото каде што Тадеј за малку не настрадал во 2020 година додека се подготвувал за искачување по нова рута.
3. По несреќата
Тадеј претпазливо почнал пак да се искачува. Планинарењето е тешко. Трчањето е невозможно. Меѓутоа, возењето велосипед не е никаков проблем. Всушност, Тадеј периодов работи на водич за велосипедисти.
4. Актуелни проекти
Го дотерува ракописот за следниот роман. Водич за велосипедисти, со возења долги меѓу 40 и 240 км. со вкупно искачување од најмалку 1000м. Тадеј веќе покрил една половина од земјата, вклучувајќи возење до локацијата на првото убиство во романот „Вирус“ (четврт од серијалот со инспекторот Тарас Бирса).
5. Омилени места за возење велосипед
Ридовите Горишка Брда и Бркини, и Истра.
6. Е-велосипеди
Можеби на 80 години. Оти, која е поентата на возењето велосипед ако не сте исцрпени на крај?
7. Спортови со публика
Велосипедизам, несомнено. Тадеј обожава спортови и натпреварувања. Вести – не баш. Со оглед на сегашната политичка клима, слушањето политичари се чини како губење време. Дури и гледањето турнир во пикадо е многу подобро во споредба.
Како да удавите некого во вино (и зошто можеби би сакале)
8. Како да изберете место за убиство
Тарас е најмен од полицијата во Љубљана, па му треба изговор за да си ја врши работата на друго место. Одмор на Бохињско Езеро, на пример, каде што се случило првото убиство. Општо земено, најубавите места се најпогодни за убиство, зашто го нудат најостриот контраст.
За „Вирус“, Тадеј знаел дека првото убиство ќе се случи – и тоа буквално – во вино. Градот Гадова Печ во регионот Долењска е познат како центар на виното Цвичек, локален деликатес што се добива и од бели и од црвени сорти грозје. Досега Тадеј им е добропознат на мештаните, среќни што удавил човек во нивното вино.
9. Би го пратиле ли некогаш Тарас да решава убиство во странство?
Можно е. Тадеј веќе се позанимавал со таа идејадодека бил во Сараево, пишувајќи ја „Ленинов парк“, но би требало многу добро го запознае местото.
10. За пишувањето
Тадеј одржува мошне строг распоред за пишување и претпочита да пишува наутро. Ноември и декември му се омилените месеци за пишување. Идеално дома, книжевните резиденции само го одвлекуваат вниманието.
11. Зошто крими-фикција
Тадеј отсекогаш бил страстен читател на криминалистички романи. Не почнал порано да ги пишува од почит кон тие писатели („Езеро“ е третиот роман на Тадеј за возрасни; покрај тоа, веќе има пишувано биографии и еден роман за млади). Всушност, додека го пишувал „Езеро“, Тадеј само што останал без работа и решил да се обиде со пишување криминалистика. Никогаш не зажалил.
12. Дали е забавно да се пишува криминалистичка фикција?
Со завршувањето на петтата книга, Тадеј станувал сè посамоуверен и поупатен во истражните постапки, па пишувањето навистина се претворило во задоволство. Сепак, тој и понатаму се советува со стручњаци за да може да пишува уште поверодостојно.
13. За „Ленинов парк“ како антифашистичка книга
Фашизмот е полош одошто мислевме, вели Тадеј. Излегува дека фашистичкото размислување на луѓето не им го наметнува некоја личност, ниту пак режим; се работи за распространета состојба на умот.
14. Пишување за млади
Тадеј е горд на својот роман за млади „Каде исчезна Брина?“, којшто му помогнал да ги сочува детските светови на своите две деца. Иако не би можел да замисли да ја пишува истата книга сега, сепак размислува пак да пишува фикција за млади.
15. Гледајќи наназад, дали би напишал нешто поинаку?
Генерално, не. На читања и разни настани, Тадеј понекогаш пријатно се изненадува од сопственото пишување. На пример, „Каде исчезна Брина?“ е напишана за само еден месец. Поради брзото пишување, Тадеј бил сигурен дека не е многу добра. Но откако ја прочитал четири пати, на свое големо изненадување сфатил дека ништо не треба да се менува. Иако посветено ги дотерува своите ракописи, Тадеј многу добро знае дека после некое време, постојаното препишување може да има негативен ефект.
Марлон Брандо можеби јадел жабји батаци, но Тадеј сигурно нема
16. За пишувањето биографии
Пишувањето биографии е еден вид новинарство. Многу интервјуа со истата личност. Генерално, Тадеј е добар слушател, кој во својата новинарска кариера никогаш не се ставал пред другите. Има напишано биографии на музичари, актери, спортисти, политичари и претприемачи. Им се восхитува на сите. Низ годините, научил да ги почитува исходите од сите видови човечки напор.
17. Чија биографија би сакал да ја има напишано?
На Марлон Брандо.
18. Најголемото авторско достигнување
По огромниот успех на „Езеро“, словенечките наслови конечно ги заменија преведените дела на врвот од листите на најпродавани книги.
19. Омилена криминалистичка серија
„Убиства во Мидсамер“.
20. Нордиски ноар?
Да. Освен кога Несбе пишува за лавини. Поинаку е во стварноста. Тадеј знае од лично искуство.
21. Однос со другите автори на криминалистичка фикција
Почит на дистанца.
22. Омилен пијалак
Кафе. Пиво. Вино. Словенија има неколку прекрасни вински региони, совршени за откривање на велосипед.
23. Омилено место за пијалак во Љубљана
„При жабарју“. Познато по добриот сладолед, како и по жабјите батаци, локален деликатес што Тадеј нема да го пробува наскоро.
