Новости, Читална
Напиши коментар

Неверојатен и незаборавен љубовен роман, но не онаков каков што очекувате

(краток осврт кон романот „Дното на моето небо“ од Кристина Краличин)


пишува: Денис Бојаров

Кристина Краличин е книжевен глас кој ѝ припаѓа на најновата македонска генерација, со свежа и автентична писателска нарација. Нејзиниот роман „Дното на моето небо“ не очекува егзистенцијална поддршка и признание од животот, но од љубовта очекува да биде чиста, искрена и чесна, каква што би требало да биде секоја романтична книга. Овој краток роман го гледаме како етички и онтолошки тест затоа што се занимава со суштински прашања, со прашања за љубовта, доблеста, вистината и одговорноста.

Восхитувачки е колку искрено се отворени нејзините страници во време кога кризата ги зафаќа не само материјалните, туки и духовните регии на човечкиот живот, кога човек брзајќи од една точка на друга, најчесто на патот се губи себеси, а љубовта станува комерцијална тема. На дело и на видело е една синтакса на љубовта, со лаконска прецизност во јазичниот израз, неопходна симболичност и алузивност придружена со мултисемантички, мудри сентенции.

Целиот роман може да се детерминира како љубовна приказна структурирана во три глобални сегменти: барана љубов, остварена љубов и загубена љубов. Зад едноставната фабула се крие една мошне комплексна и повеќезначна структура и тоа, од една страна, помага во истакнувањето на дарбата на авторката како природен импулс, а, од друга страна, јасно ја отсликува нејзината книжевна умешност и опит да пренесе приказна што небаре сме ја доживеале сите ние.

Од „Дното на моето небо“ зрачи грижлива воздишка од длабоката декаденција кон која чекори човештвото до слепата зазбивтаност на цунаминозните потреси во самиот човек, а во тоа нѐ убедува и Краличин прашувајќи и констатирајќи истовремено: „Колку удари во животот човек може да издржи и колку болки да поднесе на себе, тој сепак се исправа како налегната гранка по дожд и продолжува да виши исправен нагоре“, за веднаш потоа да ни испрати топла мисла со „книгата е како топол дом што ги грее луѓето кога морници им минуваат низ телото од студот на искуствата.“

„Дното на моето небо“ е неверојатен и незаборавен љубовен роман, но не онаков каков што очекувате. Оваа извонредна книга го истражува стравотниот скок помеѓу крајот на една фаза од животот и почетокот на друга.

Убеден сум дека читателите на оваа книга ќе ја почувствуваат приказната како своја сопствена, како дел од колективната меморија на нас како луѓе и ќе чекорат со спокоен чекор на истражувач со рационален и објективен пристап, но и со длабоколичносен, емоционален восприем на светот воопшто, како и на сопствениот, внатрешен свет.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s