All posts filed under: Автори

Пајо Авировиќ

Пајо Авировиќ е роден во Скопје во 1966 година. Дипломирал ориентална филологија во Сараево и работел на универзитетите во Сараево и во Белград. Бил постојан соработник на неделникот „Пулс“. Од 1997 година е во македонската дипломатска служба, каде што извршува повеќе одговорни функции, во МНР и во дипломатско-конзуларните претставништва во странство. Службувал во Париз, Њујорк и Тел Авив. Автор е на романот „Џахиз и истребувачите на кучиња“ за кој ја добива наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ во 2005 година. „На погрешната страна“ е негова втора книга и прва збирка поезија.

Билјана С. Црвенковска

Билјана Црвенковска, писателка, сценарист и преведувач, магистер по филозофски науки. Автор е на повеќе романи и илустрирани романи за деца: „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, „ТКЦП: Канџа во мракот”, „ТКЦП: Замокот на илјада мачки”и „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград”. Автор е и на голем број сликовници и книги со активности, особено сликовниците од серијалот „Светот на Биби”: „Биби, Боби и куќичката од чоколадо”, „Биби и џиновите”, „Биби, Боби и змејот”, „Биби, Боби и чудовиштето од Охридското езеро”, „Биби, Боби и непослушното јајце”, „Книга на знаења”, „Моите омилени места”, „Светот на Биби од А до Ш”, „Скриената долина”… Од книгите кои не се за деца, автор е на еден роман „Девет приказни за госпоѓица Сит”, на графичката новела „Девојчето кое танцуваше со пролетта”, на стручниот труд од областа на семиотиката: „Митски лавиринт: патување низ митските слики“, како и на повеќе научни есеи и трудови, театарски критики, новинарски текстови и колумни.  Црвенковска е автор на сценаријата за анимираните филмови од серијалот „Светот на Биби”, а еден од сценаристите е и на сериите за деца „Пет Плус фамилија” и „Зоки Поки”.