All posts filed under: Песни

Маче на облаче

од Ванчо Полазаревски Што бара Блеки, црново маче на облаче? Ококорено, му се плаче, изморено, со раче, канџи стега, нема каде да бега. Маче го личи качено на каче, на облак вака качено, му се има смачено. Како дојде така да плови, информација ни даде кучето од комшиите Попови. „Рипаше Блеки, по обичај и по покриви, со мижење и вчас се најде на облак во движење.” Што ќе прави сега? Ќе вози облак, нема каде да бега. Ќе пои пустини со весел дожд, бедуините ќе му подарат од урми брош. Ако види осамен цвет, пет-шест капки… и ете ти – букет. Па ќе фати чадор за рачка, ќе атерира лесно ко мачка. Илустрација: Наташа Костовска Од истиот автор:

Брканица

од Владимир Лукаш Еден многу лут патор бркал плашлив алигатор низ мочуришта и ниви низ плантажи со киви низ расцутени сливи низ реки и тротоари низ иднини и мемоари низ гнезда и мравјалници низ дамки и пералници низ терцени и катрени низ романи и поеми низ ѕвезди и планети низ шарени палети низ филџани со какао низ Јамајка и Макао низ фризури и трепки низ полиња со репки низ клучалки и цевки низ камчиња и тревки  низ училници и игротеки низ аптеки и видеотеки низ дувачки инструменти низ копчиња и патенти го бркал ли го бркал ожеднел и вода сркал му се приспало и заспал и раскошен сонил бал а на балот еден алигатор танцувал со еден патор! Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy. Од истиот автор:

Свилобрадиот

од Ванчо Полазаревски На облак, високо горе, во небесното море, нека знае стар и млад живее дедо Свилобрад. Нашата фантазија ја има во малиот прст, за миг ќе исткае од сѐ по нешто, цел грст. Лав, фока, птицава…  по небо ќе плови, цел ден измислува тој, животни нови. Од брадата свила, долга, мека, небесна, испловува снег бела, цела ЗОО градина урнебесна. Илустрација: Алексеј Костовски Од истиот автор:

Мачор на гости

од Ванчо Полазаревски Еднаш на гости,  на едни  глувци, малкуцка прости, им дојде  мачор од  Италија.  Тие веднаш се пофалија: – Со него се мајтапиме, остри канџи ич не му есапиме! Сакаме гости кога се на пости. Е, глувци-муфци, џабе се испофалија, имаат среќа, голема ко Италија. Мачорот што  им е на гости, не пости, мачорот  „италијанец“ е мачор – вегетаријанец. Илустрација: Катерина Николовска Од истиот автор:

Баже

од Владимир Лукаш Еден ден си излезе од јајце бело едно патковидно цицалче смело. Рече „Здраво!“ и в река се шлапна откако претходно црвче си лапна. Со тело на видра и глава на патка, беснее в река, а на копно се матка. Се вика клунар, но го викаат Баже. Да чуеме што тој има да ни каже: „Од Австралија сум и баш сум фин, еве, прашајте кој било Абориџин. Познат сум и под името платипус и сакам да јадам глисти со кускус. На полно инструменти знам да свирам и со бумеранзи вешто си жонглирам. Со сите се дружам, не сум лутко, а најдобар другар ми е бувот Утко. Ми беше драго, но сега одам в сон, имам состанок со еден клунест слон“. Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy. Од истиот автор:

Наталија во земја Црешалија

од Ванчо Полазаревски Еднаш десно од лево блиску до бело едно градско село, во земјата Црешалија нашата Наталија со обетки од црешови ветки дојде во судир со своите две сосетки. Како првка, беше резеда црвка по име Врвка. А како вторка, чавката Зорка. – Доста китење, пред огледала седење, време е за цреши јадење – рече Врвка. И Зорка се вмеша оти ѝ се јадеше цреша. – И од мене критики, за тие козметики. Ама неочекувано (каков срам и за мене што ова го пишувам) се вмеша и џиновската цреша. – Да се разбереме, нема што да одбереме, јас сум цреша за украс, измислена, на сликава вешто да ме додадат, а не за црвчиња и чавки да ме јадат. Илустрација: Наташа Костовска Од истиот автор: