All posts filed under: Раскази

Небесно орање

од Оливера Ќорвезироска Книжевноста за деца не е кума лиса и баба меца, таа треба да носи ука, или без или со многу бука. Малку бука не чини, ни денот – ден го дени, ни ноќта – да ја засени. Мустаќ да се усука, да се мисли-премисли, да се смисли какво семе да се засади во кое време. Книга-мига за да никне, за да цветне, за да летне и пак до нас да е, да нѐ мае; да се прочита и пак отворена да ни зјае. Да чекаме уште, да ни фали. Да нѐ гали, и големи и мали. Да ни влезе в сон и оттаму да изнесе смеа еден тон. В кревет да ни легне, по скришното да ни посегне; да нѐ храни, да не ни бара мани, да не ни вика „рано стани“, ништо да не ни брани.  Книжевноста за деца не е земно морање, таа е длабоко небесно орање. Честит Денот на книгите за деца! Designed by Freepik

Миризливото гнездо

од Марија Каева Навистина ли така било или само ми се сонило? Како и да било, мене ми е мило, што така можеби било, па ќе ви раскажам како вистински да се случило. Мојата љубена гавраница, по потекло од планината Јабланица, веќе со денови одбиваше да лета и да грака, а кога ја прашав што ѝ е, ми рече дека веќе не ме сака. Сосема сам и тажен, седев скршен, скриен во една ограда од бршлен, во друштво на еден молчалив и стар стршен. Се двоумев дали е болна или е можеби таква заради месечината полна. Думав и туфкав со часови и во умов почнав да слушам буфкави гласови. Еден од нив ми рече: – Мораш да најдеш начин, да ја расположиш со лековит и миризлив зачин. Чудна идеја ме навјаса дури вчера; ко пороен дожд истурен од облак дебел, што луѓето да се засолнат ги тера. Со план и цел, инаку не ќе се бев обидел, свратив накратко до дома и ѝ реков на мојата умна и натажена мома: – Морам, мила моја, со крилјата …

Шумата на џуџето Јоханухан Папатакапов Смирнов

од Мерсиха Исмајлоска Јоханухан Папатакапов Смирнов имаше долго име, но бидејќи џуџе, самиот беше кус и тоа му годеше. Можеше да се шмугне насекаде низ шумата, во секое процепче на карпите, секоја шуплина на дрвата, помеѓу камењата на шумските патеки, можеше да се пикне помеѓу пчелите, тие го сакаа и му даваа да пие од нектарот. Беше висок колку страк трева, а сепак уредно облечен во црвено кадифе и чевли направени од свила… Во шумата на џуџето Јоханухан Папатакапов Смирнов, свилата беше најцврстиот материјал и не беше како обична свила, беше мека, многу мека… Тој често, така дотеран, ќе отидеше до најтајниот извор планинска вода и ќе пееше заедно со изворот, а таа песна можеа да ја слушнат само најпрефинетите детски уши. Како оние на Лина и Давид. Ги убедуваа своите родители дека, освен жуборењето на водата, има и некој нежен глас што пее, но тие не им веруваа… Беа едни од ретките кои доаѓаа таму. Ги сакаа јастребите кои играа на ветерот и кои раскажуваа некои приказни за далечни планински врвови, каде што ги …

Песната на Лумалу

Приказни од Sунливото море од Билјана С. Црвенковска – Не сум гладен, јадев – рече Ален, ја зграпчи посилно книгата и нурна подлабоко во неа. – Што јадеше? – се зачуди баба му. – Немаш каснато ништо од утрово. – Ехеее, не знаеш што сѐ не изедов, бабо, куп работи. Остави ме сега, читам. Баба му воздивна и појде накај кујната, за веднаш да се премисли и да се подврати два чекора назад. – А да излезеш малку надвор, сине? Види колку е убаво, сонце, пролет?… – Бабо, цело време сум надвор, како не разбираш? – нетрпеливо одговори Ален, сакајќи побрзо да остане сам со книгата. – Боже, боже, само измислуваш нешто – мрмореше баба му. – Па, треба да најдеш другари… – Бабо! – налутено подвикна Ален. – Имам другари, како не разбираш?! Имам многу другари! Баба му ја заврти главата лево-десно, пак воздивна, а потоа молкум си појде во кујната. Ова дете мошне ја загрижуваше. Од дома не излегуваше, немаше другарчиња како другите деца на негова возраст и не ги оставаше книгите. Убаво …

Надвор

од Ника Гавровска  Сакам надвор – рече Гаврош. Не можеме да одиме надвор – му одговори мајка му. Ајде да излеземе. А сакаш да одиме на балкон? Не. Сакам надвор да одиме. Ај да видиме кој има надвор од балкон.   Излегоа на балконот. На улицата немаше никој.   Гледаш, никој не шета. Ама има сонце. Ќе зајде за кратко. Зошто нема никој надвор? Им се спие. Зошто им се спие дење? Се умориле од ноќта. Па што правеле? Правеле снег. Каков снег? Го спремаат снегот за утре. Утре ќе има снег? Да. Кој ти кажа? И јас работев со нив. А тебе не ти се спие? Ми се спие. Сакаш да си легнеме?   Сакам надвор. илустрација: Ника