Украински превод на романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ на Билјана С. Црвенковска
Романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ деновиве го доживува своето прво издание на друг јазик, во Украина. Преводот на украински е на Ана Багрјана (Анна Багряна), украинска писателка, поетеса и преведувачка, а романот е објавен од страна на издавачката куќа Тврдина (ПВД Твердиня). „Девет приказни за госпоѓица Сит“ е првиот роман за возрасни на Билјана С. Црвенковска, којшто беше и финалист за наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 година. Како што пишува писателката и рецензентка Калина Малеска, „Девет приказни за госпоѓица Сит“ е „обмислен и внимателно структуриран роман. Функционира и како збирка раскази и како роман составен од една основна приказна-рамка што содржи девет други приказни, низ кои се провлекуваат неколку заеднички лајтмотиви. Тивкото чекорење на мачката – вистинска, замислена, симболична – но и нејзините ненадејни појавувања ги врзуваат во цврста композиција нишките од наративните месечеви мени и фуги. Во расказите се прикажани ситуации во кои сите протагонистки се наоѓаат на некаков крстопат, ситуација во која мора да донесат тешка одлука.“ Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка, уредничка и преведувачка. Дипломирала на институтот по …