All posts tagged: куче

Песна за мојата песка

од Владимир Лукаш За роденден на Вини ѝ подарив пингвини.   Како се случи тоа?    Бев до Јужниот Пол да купам мразулна сол, кога в дуќан за смрзнати лингвини видов два тажни пингвини. „Што ви е, другари?“, ги прашав додека готвачот вареше грашок. „Сите од нашето племе ни велат дека сме луди… а ние сакаме топло време, зашто тука ни студи.” Кутри птички поларни, ич не им е арно… Да ги земам ли со себе, да ги вдомам покрај парно? „Побрзајте другари, веќе е мрак, спакувајте само по еден фрак. Последниот лет е за час: Ако ни кидне – тешко нас!” Пингвините в ранец ми скокнаа и од радост песничка клокотнаа: „Јуху, ура, клококлот, еве го нашиот пилот! В земја топла тој ќе нѐ носи, ќе видиме течни утрински роси!” Пристигнавме по недела цела од таа далечна пустина бела, и со ранец полн пингвини на порта ме начека Вини: „Ав, ав, ура, јупи! За роденден што ми купи?“   И така, за роденден на Вини ѝ подарив премрзнати пингвини. илустрација: Лукаш Од истиот автор:

Еден ден на фармата

приказни за почетно читање Овие приказни можат да се читаат и како комбинација од текст со цртежи, или само како текст, зависно од возраста на читателите. Убав пролетен ден на фармата! Сонцето грее и ги милува цвеќињата.  Пчелите и пеперугите летаат од цвет на цвет. Животните се надвор. Ене ги патките во езерцето.  – Кре, кре – ги поздравуваат жабите кога ќе ги видат. Тука се и кокошката, петелот и малите пилиња.  Но, кој им дошол во посета? Тоа се една верверичка и едно зајаче. Кравата пасе трева, овцата лежи и се сонча, а свињата се лади во калта.  Кучето и мачката се бркаат.  – Полека, полека – вреска по нив мисирката.  А белата коза се смее на нејзин начин: – беее, беее, беее. Коњот и магарето весело трчаат по зелената ливада.   Навистина, прекрасен ден на фармата!  Designed by brgfx / Freepik