All posts tagged: Лукаш

Братство и единство

од Владимир Лукаш Ги грабнале силни молци кутрите исплашени овци и рува им јадат ли јадат, со волна си се сладат.   „Ве молиме, ќе смрзнеме, ќе се следиме, ќе премрзнеме! Сѐ уште ечи ладната зима, а ние в штала немаме клима…”   „Гајле ни е!”, рекле силните молци и на овчичките им текнала финта: Ќе ги викнат на помош страшните волци да направат интервенција итна.   Пратиле абер по овчарскиот пес кој веднаш в трк се дал. Во брзање го турнал малиот еж кој носел кашмирен шал.   Волците, иако в лов пошле, веднаш в шталата дошле. Ги кренале штетниците на клоци, натепани, побегнале алчните молци.   „Повелете, другари, сиренце бело и свежо млекце – буре цело!” Волците до ситост се најале и како среќни кучиња залајале.   Овците, спокојни, заспале мирно, под ѕвездено небо ширно. И навистина е факт, а не мит, оти овците се на број, а волкот сит. илустрација: Наталиа Лукомска Од истиот автор: Творчето Смрдливко Гнездо од алги Песна за мојата песка Магарешка песна 100.001-та песна

100.001-та песна

од Владимир Лукаш За верверички има 100.000 песни и во сите строфи – тие се бесни.   Везден се пентарат по оџаци, по гранки, од нив раат немаат ни будливци ни спанки.   Грицкалки, пентарки, оревки, шумливки, гранкулки, глодарки – прави слободарки.   Ги има и летечки  – како шумски авиони, а кога се лути се дујат како шарени балони.   Но слатки се, нели, ако се бесни. Заслужуваат барем уште 100.000 песни. Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy. Од истиот автор: Творчето Смрдливко Песна за мојата песка Гнездо од алги Братство и единство Магарешка песна

Гнездо од алги

од Владимир Лукаш Едно ајкулче си пливкало и како пиле си џивкало. Тоа сакало врапче да биде, семки да јаде, на гранка да спие. Мајка му, ајкула од пет метри од која се плашел дури и ветрот, гнездо му сплела од алги, да си џивка низ морските далги. Ајкулчето пораснало во ајкула бела која пловела низ планетата цела. Се дружела со галеби и корморани, си пеела песни со албатроси и пеликани. Секој може да биде тоа што сака, понекогаш лесно, понекогаш со мака. Сеедно дал’ си џуџе ил’ џин, со сите на светот треба да си фин. Илустрација: Љубиша Камењаров Од истиот автор: Творчето Смрдливко Песна за мојата песка 100.001-та песна Братство и единство Магарешка песна

Песна за мојата песка

од Владимир Лукаш За роденден на Вини ѝ подарив пингвини.   Како се случи тоа?    Бев до Јужниот Пол да купам мразулна сол, кога в дуќан за смрзнати лингвини видов два тажни пингвини. „Што ви е, другари?“, ги прашав додека готвачот вареше грашок. „Сите од нашето племе ни велат дека сме луди… а ние сакаме топло време, зашто тука ни студи.” Кутри птички поларни, ич не им е арно… Да ги земам ли со себе, да ги вдомам покрај парно? „Побрзајте другари, веќе е мрак, спакувајте само по еден фрак. Последниот лет е за час: Ако ни кидне – тешко нас!” Пингвините в ранец ми скокнаа и од радост песничка клокотнаа: „Јуху, ура, клококлот, еве го нашиот пилот! В земја топла тој ќе нѐ носи, ќе видиме течни утрински роси!” Пристигнавме по недела цела од таа далечна пустина бела, и со ранец полн пингвини на порта ме начека Вини: „Ав, ав, ура, јупи! За роденден што ми купи?“   И така, за роденден на Вини ѝ подарив премрзнати пингвини. илустрација: Лукаш Од истиот автор:

Творчето Смрдливко

од Владимир Лукаш Слаткото творче се шетало в шума засмрдело борче та седнало да дума. „Црно-бело сум, да и смрдам како твор… Но добричко сум јас ако сум чуден створ“. И така, творчето думало в бујното шумско маало, бркало летулки перјани кога одеднаш – вонземјани. „Што си ти?“, го прашале. – „Творче Смрдливко“. Вонземјаните рекле: „Машала, уште едно чудо брливо“. И на нос ставиле штипки вонземјаните што личеле на рипки, го кренале творчето под мишка и летнале од шумата скришно. Сега, творчето низ ѕвезди плови и маглини со поглед лови. „Знаев дека некој ме сака“, си помислило и вселената ја избришала  неговата мака. Од истиот автор: