Day: 21st Април 2020

Титуба, Елфеба и Суки

од Пандалф Вулкански Порано си живееле три другарки доста слични, со навидум различни струки: Титуба, Елфеба и Суки. Суки владеела разни науки; на неуките, на пример, им држела поуки по кабуки, по маваши-зуки и по азбуки. И Титуба не била денгуба: и таа со научна титула и со убава руба косата ја сушела под хауба. Елфеба, скратено Феба, шарала по неба. Дарба имала да помага, без да се колеба,  секогаш и секому кога му треба. Но да не се лажеме:  Суки била маѓесница, Титуба волшебница, а Елфеба вештица.  Кога Суки маѓепсувала лилјаци загипсувала! Елфеба, брза вештица и весница, ни на штица не ја фаќала несвестица! И Титуба, се разбира, себе се отсликувала – нежна, не груба! – додека волшебникувала. Приквечер се среќавале на раскрсница. Која била во шума, во гробница, ко кртица, која на жица или штица, ко птица… Која цел ден шарала, барала, се карала, која изговарала, разговарала, договарала,  која одговарала, преговарала, наговарала… Која чаре барала? Која се разо-чарала? Која се распарала? Никоја! Оти Титуба не била труба.  Елфеба не била амеба. А Суки …

Штркот манекен

од Ана Голејшка Џикова Се роди во семејство на гнездо над оџак бел растеше безгрижно со лет непогрешлив смел   Кога порасна, посака да стане манекен висок, слабичок и убав штрк – феномен!   Со шапка од слама и на нозе долги панталони штркот во поход тргна на модни писти и фазони   Го сликаа во пози разноразни едиторијали го сакаа чавки, сојки и чучулиги големи и мали   Еден ден баба му го виде на реклама по билборди „Којзнае овие неговиве колку се на штркот горди“   Зела му плете ќебе и порака му пиша згодна „Внучко, ти треба да носиш бебе кај една фамилија околна“   Штркот ја доби пораката ги симна очилата модни што да прави, работа си е работа плодни летови се плодни! Дизајн/илустрација: Чудна шума; користени ресурси: Freepik, Vecteezy. Од истата авторка: Сонливото зајаче Гасеница малечка Пролет Пиле во карантин Глувчето со полно меше Шумско диско