Архетипот на системот низ јазикот и траумата
кон романот „Моќни зборови“ од Елке Лоренц во превод од германски на Ксенија Чочкова
Пишува: Ана Јовковска
„Реалистичната уметност е борбена уметност. Таа се бори против погрешните гледишта и импулси што се противат на реалните интереси на човештвото. Таа овозможува правилни гледишта и ги засилува продуктивните импулси“ (Бертолд Брехт).
Колку ли книги се напишани за општествената контрола, политичката диктатура, апсолутната власт, манипулацијата, моќта на зборовите, војните... ? – Многу. Но, ретки се книгите коишто ја обработуваат психолошката борба на поединецот против идеолошката ригидност низ јазикот како средство за ослободување. Една таква, ретка книга е „Моќни зборови“ (Чудна шума, 2026) од авторката Елке Лоренц во превод од германски јазик на Ксенија Чочкова. Историски роман за личната и колективната траума. Тензична приказна за едно девојче (во книгата именувано како детето), нејзиниот строг и авторитарен татко и нивната релација преку искажаното и премолченото. Деструктивната јазична моќ на таткото, авторката ја гради преку рефлексивна и генерациска дистанца во самата структура на нарацијата. Она што е интересно е што ликовите во романот функционираат без имиња и се опишани само како детето/девојчето, таткото/мажот, мајката/жената. Веројатно ова е начин да се деперсонализираат за да се засили нивната асоцијација со колективните параметри, претворајќи ги во симболи на едно историско време.
Портретот на таткото го добиваме преку улогата на јавен обвинител во Источна Германија, кој со јазикот како безмилосен сатар ја крои судбината на луѓето во општеството, но и во сопствениот дом. Потекнувајќи од многу сиромашно семејството, благодарение на новиот систем, тој успева да се образува и да напредува и на тој начин да се ослободи од бремето на немаштијата. Растењето во бедна средина во која немало доволно ни за храна, го претвора во човек на кој не му е важно да биде богат, туку да биде моќен, за сите кои некогаш го понижувале, сега да се плашат од него. Цената за неговиот напредок е максималната лојалност кон системот, што го прави не само бирократско шрафче туку и немилосрден егзекутор на злото. Неговиот живот се одвива по линијата на „Големиот брат нè гледа“ и ловот на вештерките. Идеолошкиот фанатизам го обликува во крут човек без емпатија и критичка мисла, а таков му е и родителскиот однос изграден низ матрицата на вината, очекувањата и предрасудите. Имено, главната хероина во романот расте со огромен психолошки товар од зборовите на татко си, кои му служат како орудие за контрола, челична дисциплина и индоктринација. Моќните зборови на таткото како окови висат врз кревката детска психа, обликувајќи го девојчето во жртва на еден систем.
„И веќе смееше првпат да им наредува на други што да прават и што да не прават, и можеше да казни ако некој не го послуша. Командуваше и си се чудеше на својот силен, моќен, дури и заканувачки глас, го гледаше стравот во очите на луѓето пред себе, кои се потчинуваа на неговиот глас, на неговите зборови, и притоа му прострујуваше чувство на голема среќа, значи вака беше кога човек имаше моќ над другите“ (Лоренц, 2026: 18).
Имено, таткото е архетип на тоталитарниот систем. Тој се чувствува како нов човек, антифашист, секогаш на победничката страна на историјата, убеден дека ќе донесе праведен и подобар свет во Источна Германија. За него зборовите стануваат менгеме во кое може да ги сече, шмиргла, шлајфува, кове, мазни, заоблува, продупчува. Но, покрај војната низ јазикот, романот зборува за дисфункционално семејство кое пред другите живее под маска и лага.
„Кога најпосле повторно беше бремена, партијата му рече на мажот дека мора да си го среди својот неморален начин на живот, имале големи планови за него. Па така, мажот како градоначалник еден ден ѝ донесе нова венчаница на жената, неговата матичарка едноставно му ја потпиша и оттогаш обајцата се правеа како да не се развеле“ (Лоренц, 2026: 20).
Токсичната семејна средина е опишана низ шовинистичкиот однос на мажот, прелевајќи го патријархатот низ порите на целиот систем. Жената готви, пече, полни тегли, пегла во долгите ноќи, зашто преку ден работи во канцеларија, а за нејзината пожртвуваност данокот го плаќа детето (девојчето). Всушност, на оваа жена, неисполнета со љубов, потребно ѝ е детето во борбата со мажот. На тој начин, нејзината улога на жртва станува ментален товар и на детето. Во кругот на вината се буричка и насилство, кое најпрво е вербално, психолошко, за во еден миг да кулминира во сексуално насилство од страна на мажот или таткото.
„Неговите раце ја повлекоа ладната кожа на детето и ги зграбија малите гради, што на детето му беа толку нови што едвај се осмелуваше да ги допре. Влажна, подзината уста од ракијата ги бараше неговите усни и падна посегајќи се и плукајќи во неговата коса. Рацете се слизнаа по телото и гласот на мажот почна да зборува: Пушти ме, пушти ме, ајде пушти ме таму. Тогаш детето најпосле почна да се бори со многуте раце, удирајќи околу себе, погоди една глава, и нешто падна тешко пред неговиот кревет. Детето лежеше мирно, не вресна, сè уште можеше да ги задржи во себе своите вресоци. Тоа нешто рчеше пред неговиот кревет, рчеше и кога жената утрото влезе во собата на детето. Низ солзи рече беспомошно: А јас лежам онаму и го чекам. Потоа почна да го распрашува детето. Дали бил во неа со она таму, тоа било важно. Детето не знаеше ништо и немаше зборови за она што се случи, па немо одмавна со главата“ (Лоренц, 2026: 72).
Сексуалниот напад што таткото под дејство на алкохол го прави врз сопствената ќерка останува премолчен од мајката. За неа, неговата грешка станува нејзин триумф. Начин да го држи под контрола и да го уценува, за никогаш повеќе да не може да замине од неа. Но, болната ситуација остава длабока трага кај девојчето, кое подоцна во животот, во обид да ја заборави семејната траума почнува ревносно да учи и да се бори со колективната траума.
„Моќни зборови“ е роман за трансгенерациската траума, за моќта на идеологијата и јазикот и за пронаоѓањето на сопствениот глас. Ова е роман за трансформација на болката низ зборовите и пишувањето. Текстов ќе го завршам со прашање на кое ме поттикна една реченица од првата страна на книгата: „Не им верувам на оние што велат дека можат да живеат само ако пишуваат“ (Лоренц, 5). Конечно, дали јазикот е нашиот дом или затвор?
