Жената во патријархатот и бегалската криза јава на стап со глава од соновен еднорог
Кон графичкиот роман „Адна“ од Самира Кентриќ, превод од словенечки на Дарко Спасов
Пишува: Ана Јовковска
Одлуката за борба ве лиши од старост, а јас уште млада немам сила. Не размислувам за иднината, а уште помалку за она што поминало. Никогаш не помислувам на нашата татковина, не следам што се случува таму. Јас сум овде и сега. Се предавам, се здружувам со тела. Ги истражувам границите на моето угодување. Телата набргу почнуваат да поставуваат прашања, а мене не ми е до одговори (Кентриќ, 2024: 17).
Пролетва во рамки на „YES ФЕСТИВАЛ“, фестивалот на на европски приказни на Чудна Шума, ја имав честа заедно со Лени Фрчкоска да го промовираме графичкиот роман „Адна“ од Самира Кентриќ, во превод на Дарко Спасов. Словенечката писателка и илустраторка ме воодушеви. Родена во Љубљана, како дете на босански имигранти, Самира одлично комуницираше со скопската публика, а мене ми беше лесно да се наштимам на фреквенција за разговор за табу и траума со жена чии главни интереси се во подрачјето каде што јавните и политичките изрази се среќаваат со интимните аспекти на човековото секојдневие. До тој миг ги немав читано нејзините претходни книги „Балканалии“ (автобиографија) објавена во 2015 година и „Писмо до Адна“ (визуелен и литературен коментар за бегалската ситуација) објавена во 2016 година, но по првото отворање на „Адна“, објавена во 2020 година, немав дилема дека се работи за ретко талентирана авторка која создала одлична сликовница за возрасни, обработувајќи ја темата за траумата. Визуелно раскошно и јазички едноставно, Самира зборува за траумата низ слоевите на идентитетот, телесноста, бегалската криза и сексуалноста.
Зборот траума потекнува од страогрчки збор (τραῦμα, traûma) што значел рана, означувајќи физичка повреда, за подоцна неговото значење да се надополни со емоционалното искуство на поединецот или колективот. Траумата претставува комплексен психолошки феномен што денес се проучува низ различни научни дисциплини, а концептот на траума сè повеќе добива истражувачки интерес и во полето на книжевните студии, културолошките студии, родовите студии и студиите на меморијата. Во овој случај низ еден фантастичен графички роман. За нас, особено провокативен е корпусот на социо-културните модели на траумата во кои спаѓаат колективната и културната траума. Колективната траума се однесува на трауматски настани од војни, природни непогоди, геноциди, пандемии, кои влијаат на цели заедници и се врежуваат во јазикот и културните наративи, додека културната траума ги толкува искуствата преку колективниот идентитет и начинот на кој едно општество ги обработува своите рани. Низ сите овие состојби се појавува книжевноста како терапија и сведоштво. Но, книжевноста не е само сведоштво за страдањето, туку и средство за негово надминување. Токму таква е улогата на графичкиот роман „Адна“.
Книгата се состои од писма што Адна ги пишува во одреден временски период, на кои им претходи писмо од Хасима, жената којашто се грижела за Адна и за нејзиниот брат кога тие биле деца. Набрзо сфаќаме дека и Хасима и братот на Адна се мртви. Тие се брутално убиени. Токму оваа нарација ни ја отвора темата за бегалската криза и неправдата, за страдањата на децата кои остануваат без своите родители и без своите домови, како и за борбата за човековите права. „Очите в мраз, дланките работат, а за телото што таму тоне нема спас. Се сеќаваш на тој графит, Хасима? Голем број наши тела, бегалски тела потонаа во анонимност, потонаа во заборав“, пишува Адна. Всушност, бегалската криза е едно од најголемите зла на човештвото. Бројките на присилно раселени лица низ светот се огромни, раселени не по своја волја, ниту по своја вина, а присилени да ги напуштат сопствените домови, за да се спасат себеси и своите деца. Оваа бројка е двојно повисока од онаа од пред дваесет години и соодветствува на територија на население чијашто големина би се нашла помеѓу Тајланд и Турција, замислете! На крајот на краиштата, ова не се голи бројки, ова се луѓе кои конфликтите, војните и насилството ги натерале да ги напуштат своите семејства, училишта, работата, заедницата, саканите луѓе... оставајќи го целиот свој живот зад себе. На едно место во книгата пишува: „Слободата е само втор збор дека немаш ништо за губење. Ништо или никого? Никого. Никого не смееш да сакаш толку многу за да не можеш без него“ (Кентриќ: 2024: 20).

Рака под рака со слободата оди и прифаќањето. Затоа, друг важен аспект во книгата е како прифаќањето на непознатите оди со нечистотијата. „Чистачите се познати и за медиумите препознатливи луѓе… Нозете им газат по познати патеки, очите и рацете го следат екранот (Кентриќ, 2024: 24-28). Низ илустрациите со политички алузии гледаме како Адна се бори со чувството на неприфатеност, отуѓеност и со маргинализираноста. Јасен е нејзиниот пркос, кој напати се канализира низ сексуално експериментирање. Нејзините телесни искуства ја ослободуваат од свесноста дека телата може да бидат насилни. Промискуитетното однесување е еден вид одбранбен механизам од политичкото насилство. Во сексуалната слобода Адна, всушност, го бара мирот. „Не ветувам верност. Не сонувам бел фустан по мерка. Ги уривам очекувањата на оние што веруваат дека со нив ќе останам додека тие сакаат... Но, тој ме прифати ранета, токму таква каква што сум. Ништо не праша. Телото му гореше и ме грееше како никогаш досега. Заспав. Првпат заспав кај љубовник“ (Кентриќ, 2024: 78). И колку и да е доминантен аспектот на дивата жена и сексуалноста, ова, сепак, е приказна за осаменоста, ранливоста и љубовта. Молкот ја притиска Адна во осаменост, а осаменоста се обидува да ја разбие со површни љубовни средби. Интересен е пристапот дека сексуалноста игра улога во надминувањето на трауматското искуство. Неизбежно е да се спомене и феминистичката линија кон насилството, што накусо се илустрира во цитатот: „Кога една жена е дете, прекрасната принцеза сите ја опсипуваат со внимание. Кога ја губи својата репродуктивна вредност, жената станува мрачна вештерка. Жената во патријархатот јава на стап со глава од соновен еднорог и со опаш од парталава метла“ (Кентриќ, 2024: 66). Имено, бројни се метафорите за политичкото зло, женското страдање, крвта и припадноста. И што е најважно, во оваа книга пркосот нуди надеж.

Уметноста и литературата на Кентриќ ѝ дале јазик на болката и на сè она што е тешко да се изговори и емоционално да се преџвака. Освен книжевниот текст како артикулација на траумата, во „Адна“ носечки се илустрациите. Авторката направила одлична симбиоза помеѓу текстот и визуелното. И со секоја илустрација се комбинира уметничката техника и општествено ангажираниот пристап.
