Преведувачки разговори: Калиопа Петрушевска

Преведувачки разговори: Калиопа Петрушевска

Во денешниот „преведувачки разговор“ ни гостува Калиопа Петрушевска, која во рамки на проектот „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ од хрватски јазик ја преведе сликовницата за деца и возрасни „Каде се крие Ведран“ од Ива Безиновиќ-Хејдон, со илустрации на Хана Тинтор. 

Со Калиопа Петрушевска разговара Билјана Црвенковска.


Во рамки на проектот „Планета НАДЕЖ“ ја преведовте сликовницата „Каде се крие Ведран“. Како би ја дефинирале вие оваа книга? Кому му се обраќа?

Навидум, станува збор за најобична детска лектира, но во неа се крие и мала мистерија: ликот на споменатиот Ведран, кој е предмет на нарацијата, за читателот е речиси невидлив, недостапен… Преведувачот, во овој случај, мора да биде исто толку дискретен, како и авторот, и да не се обиде да го прави експлицитно она, имплицираното: дека во стварниот живот, ни децата не се бесмртни… 

Каде се крие Ведран - сликовница - е-книга

Секоја книга претставува своевиден преведувачки предизвик. Кои преведувачки предизвици вам ви се најинтересни?

Првенствено, би рекла, дека ме поттикнува сето она што не е секојдневно, да не речам банално. Ги сакам игрите на фонетски или семантички асоцијации, поигрувањето со зборовите, суптилниот, ненаметлив хумор… како и можнпста да „ископам“ од своето помнење некои постари, напати речиси заборавени лексеми и(ли) синтагми. 


Книжевниот превод најчесто се дефинира како одново испишување на еден текст, но на друг јазик. Како балансирате меѓу оригиналниот глас на авторот и јазичната и културолошка адаптација која е нужна за делото да се приближи до македонската читателска публика?

Би рекла дека уживам во тоа. Во таа (таканаречена) адаптација, всушност, се гледа и дарбата на преведувачот да си поигрува со јазикот, со созвучјата, со културните и со менталитетските модели и „традиции“, за да го направи делото блиско до публиката, небаре било создадено токму за неа, токму на нејзината почва.


Вештачката интелигенција станува сѐ поприсутна и на полето на преводот. Гледате ли некаков потенцијал во неа и дали и на кој начин книжевниот превод направен од човек останува незаменлив?

Без да звучам традиционалистички, мислам дека дури ни секој преведувач не е најсоодветен избор за секој вид книжевен текст, бидејќи сите ние несвесно (доколку не е намерно!) внесуваме дел од себе во преведениот производ. ВИ, колку и да е „хранета“, може да понуди само варијанти на веќе постојни модели, но не може да „смислува“ новотарии! (Да се потсетиме само на надреалистите, на јазичните иноватори, на „лудите“ поети…) 


Иако преведувачите се особено важни за да ја приближат светската книжевност до нови читатели, често нивната работа останува незабележлива. Што е потребно да се промени или истакне за тие да добијат поголема видливост и признание за нивната авторска работа?

Тешко прашање. Пред повеќе години, некои издавачки куќи беа вовеле своевидни (симболични) награди, ама за преведувачите кои имаа објавени преводи токму во нивните едиции. Дури и јас имав добиено едно „Златно перо“, кај еден - во тоа време - амбициозен издавач.

Сепак, во време кога книжевниот превод годишно брои десетици наслови, можно е да се случи и своевидна девалвација на реалните преведувачки влогови: доколку, згора на тоа, имаме и редица признанија, на публиката отстрана ќе ѝ биде тешко да процени колку е објективно вреднувањето.


Биографија:

Калиопа Петрушевска е родена во Скопје, во 1949 година. Дипломирала на студиите по романска филологија (француски и италијански јазик) на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски испити од книжевно-историската насока полагала на Филолошкиот факултет во Белград. Од 1973 до денес активно се занимава со превод на прозни и на драмски текстови – некои играни на театарските штици во Македонија, некои објавени од македонски издавачки куќи – најчесто од француски јазик. Мајка е на две возрасни ќерки и помајка на три кучиња од женски род. Ужива во секој преведувачки предизвик, особено кога станува збор за дијалози и игри на зборови.


Проектот „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Back to blog

Leave a comment

Please note, comments need to be approved before they are published.