Преведувачки разговори: Ксенија Чочкова
Во денешниот „преведувачки разговор“ ни гостува Ксенија Чочкова, која во рамки на проектот „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ од германски јазик го преведе романот „Моќни зборови“ од Елке Лоренц.
Со Ксенија Чочкова разговара Билјана Црвенковска.
Во рамки на проектот „Планета НАДЕЖ“ го преведовте романот „Моќни зборови“. Како би ја дефинирале вие оваа книга? Кому му се обраќа?
Моќни зборови е историски роман за растењето во ГДР, за тензиите и молкот меѓу генерацииите. Истовремено е лична приказна, поточно соочување на авторката со нејзиното сопствено минато, со премолчените тајни во нејзиното семејство, со изречените и неизречените зборови.
Книгата е наменета за секој што е заинтересиран за современата германска историја и сака да разбере како животот во еден авторитарен систем влијае врз меѓучовечките односи. Сепак, подеднакво ќе им се допадне и на оние кои се подготвени да се впуштат во личната приказна на Елке Лоренц, и кои умеат да ги почувствуваат тивките, суптилни нијанси меѓу редовите.

Секоја книга претставува своевиден преведувачки предизвик. Кои преведувачки предизвици вам ви се најинтересни?
Претпоставувам најинтересен предизвик ми е кога можам да научам многу нови работи во текот на самиот процес на преведување. Во случајот на Моќни зборови, наидов на многу нови информации за животот во ГДР, за кои претходно воопшто не бев чула. Најголем предизвик ми е сепак јазикот, претпочитам да читам и да преведувам дела напишани на попоетичен јазик, ако може така да се рече, и секогаш е јазикот тој што ми побудува поголем восхит од дејствието во книгата на пример.
Книжевниот превод најчесто се дефинира како одново испишување на еден текст, но на друг јазик. Како балансирате меѓу оригиналниот глас на авторот и јазичната и културолошка адаптација која е нужна за делото да се приближи до македонската читателска публика?
Кога читателите имаат едно дело в рака, тоа дело мора да биде читливо и да звучи на нивниот јазик. Но тоа не значи дека смееме да ги потценуваме или поштедуваме читателите од нови информации, јазични предизвици...
Во процесот на преведување најчесто се обидувам да избегнувам фусноти, но некогаш тоа е неминовно за да се создаде мост меѓу двете култури.
Вештачката интелигенција станува сѐ поприсутна и на полето на преводот. Гледате ли некаков потенцијал во неа и дали и на кој начин книжевниот превод направен од човек останува незаменлив?
Книжевниот превод е исклучиво креативен процес, како одново испишување на една книга. Вештачката интелигенција сѐ уште нема развиено чувство за јазичните нијанси, за читањето меѓу редови... така што верувам дека книжевниот превод направен од човек уште долго ќе остане незаменлив.
Иако преведувачите се особено важни за да ја приближат светската книжевност до нови читатели, често нивната работа останува незабележлива. Што е потребно да се промени или истакне за тие да добијат поголема видливост и признание за нивната авторска работа?
Тука пред сѐ би сакала да им се заблагодарам на издавачите кои, мислам дека Антолог ја внесе таа новина, почнаа да го објавуваат името на преведувачот на корицата. Тоа за нас преведувачите е најголемо признание за нашата работа. Во Европа од пред неколку години е активна кампањата #namethetranslator, би било одлично кога би ја презеле и ние. Но верувам и дека ваквите куси прашалници исто така го насочуваат вниманието кон нашата работа и придонесуваат за поголема видливост. Затоа ти благодарам и тебе Билјана за сѐ што правиш за преведувачите.
Биографија:
Ксенија Чочкова (родена 1979 година) дипломирала на Катедрата за германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Денес живее и работи како книжевен преведувач и менаџер во културата во Баден-Баден, Германија. Досега работела на повеќе изложби, конференции, различни проекти од областа на културата. Со литературен превод се занимава од 2004 година и досега има објавено повеќе од 30 преводи на автори од германско говорно подрачје. Во нејзин превод се објавени автори како Зигфрид Ленц, Бернхард Шлинк, Јулија Франк, Елфриде Јелинек, Бертолт Брехт, Кристоф Хајн, Штефан Цвајг, Елијас Канети, Роберт Валзер, Роберт Музил и други. За своите преводи е наградена со повеќе стипендии како „Средба на преведувачи“ организирана од Литературниот колоквиум Берлин, „Преведувачка резиденција“ на Гете институтот и фондацијата Алфред Тепфер во Гут Зиген.
Проектот „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
![]()
