Преведувачки разговори: Вера Чорниј-Мешкова
Во денешниот „преведувачки разговор“ ни гостува Вера Чорниј-Мешкова, која во рамки на проектот „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ од украински јазик го преведе романот „Последниот ангажман на новинарката Кронина“ од Анастасија Пика и романот за тинејџери „28 дена од животот на Бурундук“ од Иван Андрусјак.
Со Вера Чорниј-Мешкова разговара Билјана Црвенковска.
Во рамки на проектот „Планета НАДЕЖ“ го преведовте романот „Последниот ангажман на новинарката Кронина“ и романот за тинејџери „28 дена од животот на Бурундук“. Кажете ни по нешто за секоја од овие книги: како би ги дефинирале и кому му се обраќаат?
„Последниот ангажман на новинарката Кронина“ од Анастасија Пика е интересен роман кој опфаќа значаен период од современата украинска историја и ја обработува трансформацијата на општеството низ призмата на главниот лик, младата украинска новинарка Алона Кронина. Книгата ги отвора важните прашања за украинското општество: цензурата во медиумите, информативната војна, борбата за слободата на зборот и слободен Интернет, принудната емиграција и сочувување на сопствениот идентитет, како и силата на духот на Украинците пред лицето на агресијата. Книгата има елементи на социјално-политички роман и шпионски трилер. Читателите преку животот и кариерниот раст на една новинарка ќе се запознаат и со рефлексиите на развојот на украинското граѓанско општество и истрајноста на украинскиот народ пред лицето на агресијата.

„28 дена од животот на Бурундук“, книга од познатиот украински писател Иван Андрусјак е смешна и психолошки точна повест за тинејџери за училишниот живот, самоприфаќањето и пријателството. Книгата ги учи тинејџерите да се прифаќаат себеси онакви какви што се, да не се плашат да се разликуваат од другите, да го ценат вистинското пријателство и да одговараат за сопствените постапки. Младите читатели ќе ги заинтересира Ивас Бондарук, наречен Бурундук, уште од првите страници на книгата, водејќи ги од една во друга ситуација, покажувајќи како тој се носи со совладувањето на комплексот на помала вредност, неговиот однос кон врсниците, булингот, пријателството.

Секоја книга претставува своевиден преведувачки предизвик. Кои преведувачки предизвици вам ви се најинтересни?
Преведувачот се сретнува со многу предизвици во процесот на преведувањето. Секогаш се трудам во тој процес да уживам и да се доближам до духот на писателот, не само да барам соодветни зборови на украинскиот јазик, туку да го пренесам бараното значење на книжевниот текст во конкретното дело, да го олеснам преминот од една култура во друга. Да ја отворам вратата кон мислата, разумот и имагинарното, зашто од преведувачот во голема мера зависи доживувањето не само на книжевното дело туку и на самиот писател и доближувањето на авторовата изворна идеја како акт на комуникација.
Книжевниот превод најчесто се дефинира како одново испишување на еден текст, но на друг јазик. Како балансирате меѓу оригиналниот глас на авторот и јазичната и културолошка адаптација која е нужна за делото да се приближи до македонската читателска публика?
Делумно на ова прашање одговорив претходно. Ако преводот се чита со леснотија како оригиналот, ако успевате да го вклопите оригиналот - изворникот во целниот јазик, тогаш автентичниот израз на конкретниот писател што се преведува добива свој парник на македонски јазик. Се обидувам секогаш тоа што е карактеристично за двете култури да го истакнам на суптилен начин, зашто со преводот потребата од меѓусебното познавање станува сѐ почеста и посилна.
Вештачката интелигенција станува сѐ поприсутна и на полето на преводот. Гледате ли некаков потенцијал во неа и дали и на кој начин книжевниот превод направен од човек останува незаменлив?
Колку и да одиме напред со технологијата, сепак сметам дека книжевниот превод направен од човек останува незаменлив. И да го добиете суровиот превод од вештачката интелигенција, сепак за да го разберете ќе ви треба предзнаење за изворникот и целниот јазик, зашто може да се дојде до ситуација изгубени во преводот. Може да звучи премногу буквално, тешко ги препознава локалните идиоми, специфичниот сленг и жаргон може да биде погрешно разбран, како и хуморот.
Иако преведувачите се особено важни за да ја приближат светската книжевност до нови читатели, често нивната работа останува незабележлива. Што е потребно да се промени или истакне за тие да добијат поголема видливост и признание за нивната авторска работа?
Потребна е поголема организираност од самите книжевни преведувачи, нивни средби при одржување на саеми на книги, тркалезни маси посветени на преводот и неговото значење, до негово соодветно вреднување.
Биографија:
Вера Чорниј-Мешкова е наградувана писателка, поетеса и преведувачка. Има завршено план и анализа на економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, украински јазик и украинска книжевност на Институтот за украинска филологија при НПУ „М. П. Драгоманов“ во Киев, магистратура по украински јазик и книжевност на Институтот за украинска филологија на истиот универзитет, како и докторски испити на филолошкиот факултет на КНУ Тарас Шевченко. Докторанд е на Одделот за украински јазик на филолошкиот факултет при КНУ „Тарас Шевченко“ и на Институтот за уметност, фолклор и етнологија М. Т. Рилскиј на НАН на Украина.
Во академската 2013/2014 година таа го отвора првиот украински лекторат на филолошкиот факултет Блаже Конески при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, каде што предава украински јазик, украинска книжевност и украинска култура и цивилизација.
Со Указ на Претседателот на Украина, на 17 Јануари 2008 година е наградена со Орден на Кнегињата Олга од трет степен, најпрестижна награда со која се наградува жена во Украина.
На 14 Октомври 2008, во Киев, наградена е со Орден на Св. Георги Победоносецот „Чест. Слава. Труд“ IV степен од Меѓународниот академски рејтинг на популарноста „Златна Фортуна“.
Член на Друштвото на писателите на Македонија и на Националниот сојуз на писателите на Украина. Пишува на македонски и на украински јазик. Авторка е на стихозбирките „Пластови на малото сонце“, „Жолти зрна“, „Зорница“ и други книги објавени на македонски јазик. Преведувачка е на многубројни дела од украински и руски јазик.
Проектот „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
![]()
