од Јана Борбала Панзов
Во нашето катче за детски творби (со или без мала помош на родителите 🙂 ), денеска ја имаме Јана Борбала Панзов, полу Македонка и полу Унгарка која живее во Унгарија. Јана има 11 години и учи во 6-то одделение. Сака да црта и изработува плетени играчки амигуруми.

Често црта инспирирана од книгите што ги чита, од филмовите што ги гледа, или пак од секојдневните случки што ѝ се случуваат и луѓето што ги среќава. Кога ќе порасне сака да биде аниматор и илустратор.
Ви претставуваме неколку дела на Јана во галеријата на слики подолу (цртежи и амигуруми), но освен нив Јана нацрта и стрип како домашна задача – илустрирање на стихови по избор од поемата „Толди“ од унгарскиот автор Јанош Арањ. Под стрипот ќе го најдете и препевот на поемата на македонски (дело на нејзиниот татко Златко Панзов).

Јанош Арањ: „Толди“ 1 Зад кулата засипана в прав од ветрот, оружје гордо блеска, војска горда се гледа. 2 За друг готват, другому гозба прават, Ѓерѓ е дома, првородениот во домот. 3 Каменот млински го крена, на кој седеше таму и го џитна сред дрските Ѓерѓови луѓе. 4 Се крие крај поток, се крие во трски, на светот нема кај да положи глава. 5 Под него се најде едно волчјо гнездо, две волчиња завиваа од него болно. 6 Животни се смирија сите внатре, надвор, и кучињата дури заспаа в плевна. 7 Немој да прашуваш што ме мачи дете, витези погребав денес, двата мои сина. 8 Велможен мој кралу, со горчина велам, жално, но да ти пријавам треба. 9 Бикот сепак ко бурен виор лета, колку е долг и широк патот не гледа. 10 Ама што и да кажам, устата ќе ми згреши не не, стигна до бројка цела: стотка. 11 Клекна огромниот Чех: Молам! Милост! Бога моли. Патот ти го кажувам, еве. 12 Украсен бил мечот со дијаманти и злато, му го предаде на Толди велејќи: Земи!
А и вие драги деца и родители, бидете дел од нашето креативно катче и испраќајте ги вашите творби на нашата електронска пошта chudnasuma@gmail.com.