Издавачката куќа Чудна шума се претстави со две изданија на овогодинешниот саем на книга во Франкфурт, кој се одржа во периодот од 18 до 22 октомври.
Неколку дена пред почетокот на саемот беше објавен престижниот каталог „Бели гаврани 2023“ (White Ravens 2023), каталог кој се публикува секоја година и содржи 200 најдобри книги за деца и млади за тековната година. Во овогодинешното издание беа вклучени дури две книги од Македонија, а едната од нив беше сликовницата „Тигар на улица“ на писателката Билјана С. Црвенковска и илустраторката Катерина Николовска, инспирирана од стиховите на истоимената песна на рускиот писател Данил Хармс. Каталогот беше промовиран на саемот во Франкфурт, додека изложбата на двестоте најдобри книги за 2023 година ќе се случи следната година, на саемот за книги за деца и млади во Болоња.

Во рецензијата за сликовницата „Тигар на улица“ објавена во каталогот, пишува:
„Каква прекрасна приказна во слики е ова, објавена од страна на малата издавачка куќа Чудна шума. Тигар на улица раскажува приказна за едно девојче кое бега од банда други деца што ја следат и ја задеваат. Читателите се во можност да му помогнат на девојчето со тоа што ќе превиткаат една страница и ќе креираат скривалиште. Кога девојчето паѓа низ дупка и доаѓа до копчето за помош, наеднаш под него, на улицата, се појавува тигар. Потоа, заедно со девојчето тие рикаат и успеваат да ги исплашат прогонувачите. Тигарот го испраќа девојчето до дома, а веќе на следната страница читателите се сретнуваат со песната насловена Тигар на улица од Данил Хармс. Тоа е текстот од кој е инспирирана претходната приказна. Текстот се врти околу прашањето зошто одеднаш на улицата се појавува тигар. Песната на Хармс не дава никаков одговор на ова прашање, но приказната на Билјана Црвенковска и Катерина Николовска за самодовербата и храброста дава одличен одговор. И на крајот читателите сфаќаат дека тигарот бил, всушност, само едно маче.“

Покрај сликовницата „Тигар на улица“, на саемот во Франкфурт беше промовирано и германското издание на илустрираниот роман „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ (Stella Dark und die kreaturen von Gruselstadt) на Билјана С. Црвенковска, со илустрации на Нита Муча. Преводот е дело на реномираната преведувачка од македонски на германски Корнелија Маркс, а издавач на книгата е Мителдојчер Ферлаг. Книгата е издадена во рамки на проектот „Млади европски приказни“ (YES – Young European Stories), ко-финансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

До крајот на годината се очекува да излезе и хрватскиот превод на овој роман.

Дополнително, во рамки на изложбата „Books on Slovenia” („Книги за Словенија“) – поставена во Словенечкиот павилјон на саемот во Франкфурт (каде што оваа година Словенија беше земја-гостин), беа изложени и три изданија на Чудна шума – преводи на словенечки дела на македонски јазик: „Езеро“ од Тадеј Голоб, „Ивана пред морето“ од Вероника Симонити и „Стаклени пламени“ од Цветка Бевц, сите во превод на Дарко Спасов.

Напишете коментар