Книга за патување низ себе и низ времето

(Рецензија за поетската книга „Сега ти стануваш јас“ од Д.А. Лори)


пишува: Снежана Стојчевска

Најновиот поетски ракопис „Сега ти стануваш јас“ на поетесата Д. А. Лори, кој доаѓа по успешните поетски книги „Будење во трето лице еднина“, „Со ветрот под рака“, „Небо во кафез“ и „Ќе фатит бран“, ги интригираше читателите кои имаа можност да го посведочат создавањето на книгата преку песните кои авторката ги објавуваше на инстаграм сториња. Песните се создадени за кус временски период, под голем креативен набој. Стерната беше отворена и песните надоаѓаа како што надоаѓа вода и допираат длабоко до свеста на читателот кој гледа како песната се создава и исчезнува пред неговите очи, поради краткотрајноста на објавата, како што минува и животот; денес си, утре не си. При тоа читање, привлечена како од магнетска сила влегов во тој вртлог, чувствувајќи ги песните како свои или како свое огледало, што потоа со насловот на книгата се потврди, како поетско-филозофското гледиште дека „Секој секому огледало“, дека секој се гледа себеси во другиот или пак дека сите потекнуваме од ист извор и сите во тој извор ќе се вратиме.  

Книгата започнува со стиховите: доаѓа така време човек да застане на работ на светот и повторно да се измисли себеси, да измисли сѐ, а завршува со стиховите: сега ти стануваш јас, а јас се повлекувам тивко во она што навистина сум, а не сум знаела да бидам. Овие две песни иако минијатури, се поетски бомби кои ги врамуваат песните во книга, притоа отрезнувајќи нѐ од сонот на јавето во кое сме заблудени.

Уште на почетокот се насетува  дека ова ќе биде концептуална книга со филозофска и психолошка димензија. Без разлика дали концептот е создаден пред авторката да започне со пишувањето или се искристализирал со објавувањето на првите песни, може да се забележи дека ова е книга за патување низ себе и низ времето. Времето како единица мерка со која се мери нашето минување низ овој свет, низ ова тело, но и како одраз на минливоста спроти вечноста. Така голем дел од песните во оваа книга (околу дваесетина) започнуваат со исти зборови кои ја одредуваат возраста како на пр. „Имам 9 години“. Одредувајќи ја возраста авторката става точка, односно маркација на правата линија наречена животен век и од таа точка нѐ внесува во менталната, душевната и емотивната состојба што ја отсликува во песната, но чија е таа состојба е на тенка граница. Можеме да речеме дека авторката зборува за себе во различни етапи од животот, но по некое време гледаме дека се преминува линијата и може да се забележи дека некој друг ѝ се обраќа или се претопува во неа, како што кажува самиот наслов „Сега ти стануваш јас“, а во  некои песни тоа може да биде и секое друго живо суштество, а не исклучиво човек. Различната возраст се движи од 9 месеци до 128 години и го надминува човечкиот живот и пред и по раѓањето, говорејќи притоа за нашето постоење над телесното постоење или како што пишува авторката почнуваме од точка, завршуваме со бесконечна линија по која патува времето.

Она што исклучително ме понесе во оваа поезија е освестувачката вистина поради која сметам дека ова не е само поетска книга туку на некој начин е филозофска или психолошка книга. Во зрелоста која зрачи од песните може да се види целото животно искуство и длабока ментална анализа, односно соочување со себеси, кое пулсира во песната: се абе ‘рбетот на ноќта од сето тоа патување по бескрајот. колку повеќе учам за небото, толку подалечно ми станува истото, мачни и далечни се патиштата кон непознатото, ама не грижи се, најдалечниот пат е оној до самиот себе.

Постојат неколку антиподи кои се повторуваат низ книгата како меѓници и одредници, ќе се обидам да ги лоцирам и илустрирам со стихови, и тоа телото спроти душата: Го почнувам денот со тело спремно да му се вратам, оти се заборавам на онаа страна во несвесното каде сонувам цврсто заспана, сонувам целосно будна, и се враќам со клучеви, нешто ќе отворам, нешто ќе затворам, нешто ќе решам. телото трепери., животот спроти смртта: ми требаше долг живот, и, еве, вечна смрт, за да прогледам, слободата спроти заробеноста: носиме парче слобода во чекорот, во одот. носиме украдено парче слобода тој белег од раѓање, таа точка на поаѓање од пред сѐ до засекогаш., вистината спроти лагата: вистината е влакно во јајцето кое молчи во стомакот на риба која живее во непознати води и чека одново да се роди, минливоста спроти вечноста: Поминувам низ деновите како рака по површината на водата, се затвора трагата врз водата, како да не си ја ни допрел како да не си ни бил, јас наспрема ти: не сме јас и ти толку оддалечени, ништо не значи овој свет меѓу нас, кога во мислите седиме на иста клупа.

Воочливо е дека голем број од песните се состојат од два дела, односно песните имаат главен дел и епилог, во кој се дава објаснување, а на моменти и луцидна пресвртница. Со тој епилог се поентира, се врамува, дообразува и добива значење. Во епилогот од песната „Имам 79 години“ вели: нема друг начин да се живее со товарот од овој долг живот освен да сум само сега и само овде., поучувајќи нѐ на филозофијата на живеењето во моментот, додека пак во песната „Имам 9 месеци“ ќе поентира со стиховите: многу подоцна ќе се сетам дека храбар е оној кој се раѓа, уште похрабар оној кој живее.

Најсилен впечаток ми остави антологиската песна „Имам 9 години“ во која авторката се поврзува со приказната за момчето кое станало елен правејќи паралела помеѓу момчето и детството или детето во нас кое останува заробено и заборавено, детството е момчето засекогаш заробено во телото на елен кое повеќе никого не чека. сите растат и го забораваат патот до таа врата. Целата атмосфера на мрачност и морничавост на темната германска шума, на студенило и осаменост, до ежење е доловено во песната.

Книгата е длабока и емотивна, на моменти потресна, на моменти досетлива со доза на хумор и благ сарказам, но таа длабочина не извира од религиозност или чисто од духовност, туку од свест, свесност и себепознавање, соочување со себеси,  и одговор на прашањата кој сум, што сум, каде сум, каде одам и што сакам да бидам. Одамна не сум била толку трогната од поетска книга, песните толку длабоко продираат во свеста и во моето духовно битие, што на момент добив чувство дека Јас стана ти, а со тоа и целата идеја во книгата се овистини.

Од срце ја препорачувам на сите читатели со отворен ум и срце за исклучителна поезија.

Напишете коментар