Западната машкост ставена пред предизвик во морничав роман за ловот
Хантер Вајт живее за возбудата што ја носи ловот на крупен дивеч. Тој е мошне богат американски брокер кој оди во Африка за да убие носорог, последното од петте големи животни што ја сочинуваат „големата петорка“ што му недостига како трофеј. Ловот го прави да се чувствува жив повеќе од што било друго на светот. Покрај тоа, тој верува дека ловот на трофеи не само што создава можности за работа, туку претставува и извор на приход кој му е потребен на локалното население за да може да му се спротивстави на ловокрадството. Кога ќе открие, по еден разочарувачки лов на носорог, дека постои нешто што се вика „голема шесторка“, неговата ловечка експедиција почнува да добива по малку злокобен и застрашувачки изглед.
Схутерс во „Трофеј“ нѐ внесува во сложениот и заплеткан ум на еден ловец од Западот. Вајт е воден од еден морално заматен поглед во компасот додека ја мери и премерува вредноста на животот, понекогаш во однос на животните, а понекогаш и во однос на човекот, па дури и на една, одделна личност. Во своевиден стилистички tour de force, Схутерс ја гради напнатоста чекор по чекор и ги става Хантер Вајт, локалниот трагач Давид и младиот ловец !Нкате еден спроти друг во една грозоморна и, истовремено, вчудовидувачка психолошка партија шах. Нејзиниот ритмички стил на пишување на читателот му го пренесува речиси физичкото чувство на закана што го создава заплетот.
„Трофеј“ е ода на дивата природа и остра критика на тоа каков е нашиот однос кон Африка. Без морализирање, Схутерс поставува клучни етички прашања за менталитетот на луѓето од Западот. Таа во исто време ги осветлува и нијансите на ловот согледан како една сложена тема наместо само да ни ги претставува неговите вообичаени жестоки поддржувачи или противници. А над сѐ, овој вознемирувачки идеен роман, со своите болни и бескомпромисни прашања што задираат во современиот колонијализам и мажественост, го поставува читателот како пред огледало.
„Трофеј“ те тера на размислување, те лути, а потоа те прави да се преиспитуваш себеси и ти го задржува вниманието од првата страница до извонредниот горко-сладок крај.
– Финансиел Дагблад
Како Хемингвеј да седнал да поразговара со Кафка… суверено растресувајќи ни ги очекувањата.
– Денис Шек, WDR3 Mosaik

ТРОФЕЈ – Хеа Схутерс
цена: 400 ден.
Онлајн нарачки: наскоро
Хеа Схутерс – „Трофеј“
превод од фламански: Ели Пујовска
Жанр: Роман
Едиција: Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)
Формат: А5
Број на страници: 180
Повез: мек
ISBN: 978-608-4938-88-0
Година на издавање: 2025

Напишете коментар