византиски роман
Многу одамна, во некое неодредено претхристијанско време, младиот Хизминиј е избран со ждрепка да биде свечен Гласник на Ѕевс во измислениот грчки град Авликомид. За време на тридневниот престој, домаќин му е еден богат граѓанин по име Состен. Состен има убав дом, уште поубава градина и најубава ќерка – Хизмина. Таа се вљубува во Хизминиј по само еден поглед; тој во неа – по еден ден.
Според обичајот, на крајот од престојот Хизминиј е должен да се врати назад во својот роден град, Еврикомид, и таму да ги угости дотогашните домаќини во домот на своите родители. Во тајноста на една од неговите одаи, љубовта меѓу Хизмина и Хизминиј се продлабочува. И токму тогаш, сосема неочекувано, Состен објавува дека ја ветил ќерка си на некое беспрекорно момче од Авликомид и ги кани своите домаќини на свадба.
Хизмина и Хизминиј решаваат итно да го напуштат градот. Но, не можат да знаат, додека се качуваат на брод за Сирија, дека таа вечер Посејдон ќе биде суров и гневен. И не можат да знаат дека единствен начин да го смилостиват e да му принесат жртва. Човечка жртва.
Еден од четирите романи составени во Византија за време на владеењето на Комнините (1081–1185), Хизмина и Хизминиј е роман за желбата и должностите, за судбината и страста, како и за неумоливата моќ на Ерос, момчето-бог на љубовта, пред кого омекнуваат и најхрабрите срца и пред кого се поклонуваат денот, ноќта и сите владетели и господари на морето, земјата и небото.

ХИЗМИНА И ХИЗМИНИЈ – Евматиј Макремволит
цена: 350 ден.
Онлајн нарачки: наскоро
Евматиј Макремволит – „Хизмина и Хизминиј“
превод од старогрчки, предговор и белешки: Даниела Тошева
Жанр: Роман; византиски роман; романса
Едиција: Древна шума
Формат: А5
Број на страници: 168
Повез: мек
ISBN: 978-608-4938-74-3
Година на издавање: 2024

Напишете коментар